Вреди: Апелираме до Димитриевски да не му прави ќеиф на ДУИ

Судирите помеѓу владините коалициски партнери ЗНАМ и „Вреди“ зачестија. Откако вчера лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски го прозва својот владин партнер, велејќи дека погрешно е тие да го имитираат ДУИ, утринава од коалицијата „Вреди“ пристигна соопштение во кое се вели дека тезата која лидерот на ЗНАМ ја соопшти во однос на тоа дека коалициски партнер на ЗНАМ е само ВМРО-ДПМНЕ е наивен популизам и оти гласовите кои коалицијата ги добила од граѓаните на минатите избори не можат да се обезличуваат.

-ВЛЕН доби 107 илјади албански гласови и не може етнички да се обезличува само за движењето ЗНАМ удобно да се чувствува во Владата. Особено што Димитриевски е избран за Градоначалник на Куманово и со Албански гласови и многу добро ја знае важноста од меѓусебното разбирање и почитување. Не сакаме да веруваме дека ЗНАМ сакаат да влезат во кампања за локалните избори со повторувањето на погубното кредо на Тито Петковски од претседателските избори во 1999 – не ни требаат гласовите на Албанците, се вели во реакцијата на Вреди.

Оттаму велат и дека секој политички субјект има демократско право да си гради идентитет врз основа на сопствените уверувања, но и дека како Влада имаат утврдено и усогласено програмски приоритети и нивна должност е посветено да работат на нивно исполнување.

-Како Во тој контекст апелираме ЗНАМ несвесно да не му тера ќеифови на ДУИ. Нивното криминално раководство посакува тензии на сите полиња. За да се спасат од кривична одговорност за сторената политичка корупција и да го зачуваат нелегално стекнатиот имот сонуваат и за потреси во владејачката коалиција, стои во соопштението.

Инаку, вчера, претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски рече дека Демократската унија за интеграции е веќе видена работа и минато, и затоа мисли дека е погрешно коалицијата „Вреди“ да ја имитира ДУИ.

-Мислам дека нашиот партнер во власта, иако ЗНАМ е партнер со ВМРО-ДПМНЕ во оваа власт и во ниту еден момент ние немаме како политичка партија разговарано за каква било коалиција или заемна поддршка на централно ниво, сепак, тие се партнер на нашиот партнер, го почитуваме тоа, но, ќе мора да направат корекција на самите себеси, рече Димитриевски.

Претходна вестВладата чека на предлози за реформи во судството за да се реши дали ќе се распуштаат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители
Следна вестВо Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе се градат катни гаражи по пат на јавно приватно партнерство