Одење на редица возила по невеста е дел од обичаите што на секоја свадба, албанска или македонска се спроведуваат, а собранискиот претседател Африм Гаши мора секаде до оди со службено возило, соопштија денеска од коалицијата „Вреди“. На денешната конференција за печат Фари Исени, портпарол на коалицијата „Вреди“ која е дел од владиното мнозинство рече дека во тоа не гледа ништо лошо.
-Не гледам нешто лошо да се спроведе конкретен обичај на еден народ, рече тој откако денеска му беше поставено прашањето – дали претседателот на Собранието, Африм Гаши, морал со службени возила и обезбедување да оди во колона заедно со други приватни возила по невеста во Косово.
Портпаролот на „Вреди“ рече дека нема информации дали на колоната на Гаши ѝ се придружиле и приватни возила, но смета дека формирањето колона возила што одат по невестата е дел од свадбените обичаите. Според „Вреди“, собранискиот спикер Гаши нема избор и мора секаде да оди со службено обезбедување.
-Станува збор за второ лице на државата. Законските прописи го регулираат тој момент. Претседателот на Собранието, каде и да отиде, неопходно е да биде во придружба на обезбедувањето. Така што и во конкретниот случај самата постапка не е надвор од законските и е во хармонија со тој стандард, тврди Исени.
На прашањето дали Гаши за одењето по невеста имал патен налог и што пишува во него, Исени одговори дека тоа не е нивна одговорност.