Претставници и лидери на партиите кои ја сочинуваат коалицијата Вреди вчера имаа средба со Здружението Албанска академија на науките и уметност во Тетово од каде најавија дека општините ќе го финансираат ова здружение. Најавени се и активности со цел да се оформи академијата како јавна установа.
-На почеток оваа академија ќе биде поддржана од општините. Во меѓувреме сè додека не најдеме законско решение таа да функционира во согласно со законот и поддржана финансиски од буџетот, односно од јавните пари. Ова е еден чекор за да покажеме дека Албанците како важен дел на оваа држава можат да придонесат и во науката, може да придонесат и во уметноста и во сите области на ова општество затоа што цениме дека како втор поголемина народ во државата имаме интелектуални капацитети за да основаме академија која ќе придонесе во сите овие области за кои ќе биде основана, изјави Биљал Касами, претседател на Движењето Беса во име на коалицијата Вреди.
Зеќир Кадриу, секретар на Здружението Албанска академија на науките и уметност во Тетово рече дека оваа е нивна втора средба со коалицијата Вреди која донела конкретни решенија.
-Ние се чувствуваме многу горди што првиот чекор беше порано, а сега е и втор пат. По основање на Владата веќе почнуваме да го реализираме тоа што е предвидено што е ставено во програма. Во почетокот сите општини што се во расположение да помогнат, ќе помогнат за основање на оваа Академија, а понатаму, кога ќе се донесе закон тој закон ќе биде правосилен и ќе може понатаму да авансираме академија, што навистина мислам дека Албанците заслужуваат, истакна Кадриу.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека основањето и особено формализацијата на Албанската академија на науките и уметностите е една од најдобрите иницијативи на „Вреди“.
-Се собравме во Тетово за ова, а јас се чувствувам особено горд. Како еден од најстарите, ако не и најстар народ на Балканот и во нашата ДНК има интелигенција и цивилизација на една античка култура, напиша Таравари.
Здружението бара да добие јавен простор и јавни финансии за научно – истражувачка работа во сферата на албанологијата, културата и посебностите на Албанците.
Во соопштението на коалицијата „Вреди“ се изразува задоволствоод започнувањето на процесот за институционализирање на Академијата на Албанците за наука и уметност во Македонија. Оттаму додаваат дека овој амбициозен проект ќе започне во градот на универзитети, во Тетово, но ќе биде официјално формиран во Скопје, поставувајќи темел за институција која ќе биде целосно посветена на науката и уметноста. Академијата на Албанците за наука и уметност треба да биде центар за развој на научни истражувања, унапредување на уметноста и зачувување на албанското културно наследство.
-Ние сме уверени дека создавањето на оваа платформа ќе обезбеди нови можности за истражувачите, уметниците и интелектуалците Албанци, со што ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на образованието и научната креативност во нашата земја. Оваа иницијатива има за цел да создаде амбиент во кој научниците и уметниците ќе можат да ги споделат своите знаењаи таленти, поттикнувајќи нова култура на совршеност и иновации, велат од „Вреди“, додавајќи дека оваа Академија ќе се фокусира исклучиво на науката и уметноста, без политички вклучувања.