Во Македонија пак е дојдено големо време – невреме. Бурите, ветриштата, грмотевиците… не ги прави природата, ги прави човекот и тоа овој пат пред се оној од власта. Силни ветришта се подготвуваат пак да ја оддуваат и демократијата. Особено во парламентот.
Тоа не смее да се случи. За тоа да се премавне треба се да почне од почеток. На пример со решавање на прашањето: Зошто ги нарекуваат пратениците – народни избраници?
- За да изгледа функцијата помоќно
2. Затоа што можат да ја решаваат судбината на народот
3. Затоа што народот ги избрал и нeму треба да му служат
Кој одговор пратениците од власта ќе го изберат за точен? Особено пратениците на СДСМ што ли мислат по ова прашање?
Владата деновиве им го фрли во раце врелиот костен – францускиот предлог – со кој наместо европски „датум“ на Македонија се даваат многу датуми на Бугарија на кои ќе може комотно да наредува на официјално Скопје се што ќе посака. Едноставно „храбриот“ македонски премиер и министрите оставија за ова да му ја мислат народните избраници.
И сега што ќе смислат пратениците од СДСМ? За почеток е пожелно да си одговорат на прашањето од почетокот на текстот. А потоа и на две други прашања:
- Дали со прифаќање на ваков предлог се отвора можноста за целосно губење на македонската самостојност и право за самоопределување?
2. Дали ќе слушаат што им вели врхушката која не донесе став туку нив им ја тутна одговорноста или ќе го слушаат убедливо мнозинство на етничките Македонци кое не го прифаќа почеток на преговори со ЕУ доколку услов за тоа е прифаќање на францускиот предлог. Дури 72.8 отсто од етничките Македонци опфатени со анкета одговориле –НЕ за предлогот?
Пратениците од СДСМ се на потег. Не е во прашање тешка равенка, непотребно долго одбегнуваат да ја решат. Само треба да помислат колку од оние 72,8 отсто од Македонците кои кажаа НЕ се и нивни гласачи, роднини, пријатели… , а и да помислат што е демократијата.
Ќе прават ли мнозинство, кое ќе го гази мислењето на мнозинството од населението во Македонија или ќе бидат вистински народни избраници?