Македонското образование мора да го водат нови покомпетентни луѓе. Сегашната раководна постава во многуте скапо платени државни институции специјализирани за образованието, како и во самото министерство, покажаа дека не можат да се носат со предизвикот
Образовниот систем во Македонија всушност не е систем. Тоа е хаос во кој успешно се снаоѓаат само оние што се задолжени за подобрување на образованието. Како се снаоѓаат? Вака: има учебник – нема учебник, има предмет историја – нема историја, има наставник – нема наставник, има грешка – нема грешка во учебниците… По ваков „распоред“ веќе со години оди наставата по македонските училишта. Слично е и во новата учебна година.
Двоиполмесечниот распуст помина, а речиси ништо не се подобри, дури стана и полошo. А веќе е трета година по ред како што се применува проблематичната реформа на Мила Царовска (која сите, освен власта, ја критикуваа) и новиот концепт на основното образование.
Владата и натаму ја брани и спроведува таквата конфузна и наметната реформа и ветува дека грешките и пропустите ќе се исправат, дека ќе има учебници, наставници, помагала…
– Учебната година започна во тотален хаос, нема учебници или се веќе неупотребливи, наставници некаде има, некаде нема или се несоодветни. Наставниците се збунети, а тоа доведува до збунетост и кај самите ученици и родители. Новата реформа не е добра туку штетна, ни вели Маја Крстевска.
Потврда за неуспешноста непосредно пред почетокот на учебната година дојде и од самите креатори на реформата.
-Реформата на некој начин е веќе и пропадната. Вака како што оди ова е далеку од реформа. Тоа не е ниту 5 проценти од она за кое јас сум верувал дека треба да биде, кажа професорот Кирил Барбареев, еден авторите кои ја конципираа реформата под патронство и упорно инсистирање на поранешната министерка за образование Царовска.
Уште тогаш во 2021 година доаѓаа предупредувања дека така замислената промена не може да успее. Првиот човек на МАНУ академик Љупчо Коцарев предупредуваше дека со неа се уништува образованието.
-Образованието во Македонија веќе подолго време е подложен на постепено деградирање, уништување. Единствена цел е да се избрише предметот историја, потенцираше Коцарев.
Од Филозофскиот факултет предупредуваа дека концепцијата содржи недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Но, тогашната министерка Царовска остана глува за сите овие предупредувања и со своите истомисленици почна да ја наметнува и спроведува реформата.
И сега по три години јавноста се шокира од ефектите: Од 126 учебници на основците им недостасуваат дури 43, учениците од трето и шесто одделение немаат ниту еден по задолжителните предмети, недостигаат 34 проценти од учебниците, само учениците од прво и второ одделение ги добиле сите учебници… А само неколку дена претходно актуелниот министер за образование Јетон Шаќири убедуваше дека учебници има, дека неколкуте што недостасуваат ќе бидат готови до крајот на септември.
-МО, Бирото за развој на образованието и Националната комисија за учебници не завршија една од суштинските обврски да обезбедат учебници за сите ученици. Покрај недостатокот на голем број учебници, учебниците за 5-то и 6-то одделение по предметот историја не се ни испечатени. Оваа реформа се спроведува под притисок и може да се нарече концепција на постоечката политичка гарнитура, смета Игорче Дунимаглоски.
На меѓународни тестирања (ПИСА) нашите ученици во регионот без најслаби во читањето. Пресметано е дека „по 11 години поминати во училиште, едно дете во Македонија има образовни резултати еднакви на 7,3 години учење“. Истовремено, и државата се помалку вложуваше во образованието – пред пет години издвојувањето беше 3,7 отсто од БДП, сега е 3,2 проценти од кои 87 отсто одат за скромните плати на наставниците. Во таков амбиент опаѓа и квалитетот на наставата.
– За овие 30 години во највисоката институција МОН да не бројам колку министри се промениле. Истовремено и со сите нив почнувале реформи, и со нивната смена наредната постава почнува одново со нова реформа. И сè така само промени, само реформи, а резултатите на мртва точка, ни посочи Јелена Јованоска.
Наставници за првпат ќе совладуваат „интегрирани“ предмети Историја и општество и Природни науки иако ни едните ни другите не се подготвени за тоа. Околу тоа молчи Министерството, молчи Бирото за развој на образованието, молчи и Советот за унапредување на образованието кој лани го формираше Владата, а со кој претседава премиерот Димитар Ковачевски, а членува и секадеприсутниот вицепремиер Артан Груби.
Граѓаните сметаат дека прво се потребни оставки, а потоа и промени во начинот на правењето на реформа.
-Оставки треба да има под итно. За многу прашања поврзани со реформите требало да бидат прашани оние кои секојдневно се соочуваат со предизвиците во училиштето – наставниците. Одговорност мора да има. Образованието полека, но сигурно го допира дното, смета Маја Крстевска.
И Елизабета Лукач смета дека се потребни смени.
-Сите до еден – министерот, од БРО, од Национална комисија за учебници – треба да заминат. Промените се прават со стручен кадар кој нема да подлегнува на политички и материјални притисоци и кој воопшто не зависи од било која политичка гарнитура, смета таа.
Ќе поднесе ли некој оставка? Тоа не зависи само од моралот на функционерите туку и од односот на јавноста кон големиот образовен проблем.
Дали намерно се срозува образованието?
Меѓу граѓаните се пораширено е мислењето дека со вакви „реформи“ образованието намерно се уништува и ослабува. Тоа го покажуваат и бројните реакции на граѓаните на неодамнешното пишување на порталот Skopskoeho.mk околу состојбата во школството.
-Држава се уништува со здравство и образование, односно, со нездравсто и необразование, ни напиша граѓанин.
Друг наведе дека очигледно се работи за „Намерно сценарио“.
Кои се луѓето кои ги аминуваат грешките?
Скандалите и бројните грешки во учебниците вниманието на јавноста го свртеа и кон сите оние органи кои ги подготвуваат и објавуваат учебниците. Односно, кон авторите, рецензентите, Национална комисија за учебници, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование. Бројните пропусти ја наметнаа и потребата да се види и знае кои се тие личности кои се скапо платени и стојат зад скандалозните грешки. Дали некој е сменет?
Нема услови и за учениците со атипичен развој
Билјана Стефановска со сопствен пример укажува дека не се обезбедени ни услови за учење на децата со атипичен развој.
– Во Битола се касни со образовните асистенти за децата со попреченост, наместо да се работи и да се среди се во летото, да се направи план, на колку деца ќе им требаат асистенти, па со време да се обучат. За жал, тоа се прави од септември, па пола месец и два ќе поминат, па прилагодување…, вели таа.