Втор ден вработените во управните и судските органи ја бојкотираат работата по два часа, но немаме никаква информација од Владата и се уште немаат покана за средба.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски рече дека не се точни информациите од Владата дека ако дадат плати на вработените во јавен сектор, инфлацијата ќе порасне.
-Гледаме дека инфлацијата веќе во големи проценти расте. Растат цените на основните производи за живот, расте млекото, растат јајцата, расте лебот, баш оние производи за коишто ние бараме плати да можеме да ги купиме и да ги однесеме дома. Не бараме плати за луксуз, не бараме плати за ништо друго, бараме плати за достоен живот, изјави Деаноски.
Тој вели дека Вработените зад мене две години земаат под минимална плата, не само 18.000, туку и кога беше минималната плата 15.194 добиваа 14.500 денари.
Во врска со изјавите што вчера ги даде премиерот Димитар Ковачевски за минималната плата, Деаноски рече дека не треба да се даваат изјави преку медиуми.
– Сите синдикати се засегнати. Треба Владата да дојде, да не повика, да седнеме на маса и да го решиме проблемот. Ние во наредниот период ќе го очекуваме токму тоа. И во минатото имаме испратено барање за средба на кое немаме добиено одговор. Мислам дека поголемо барање од овие дводневни протести за средба не постои. Ќе почекаме и доколку не добиеме покана и доколку не се реши проблемот ќе направиме консултации со нашето членство и како што реши членството да имаме протести денеска и вчера, така ќе одлучат во кој вид и во кој обем ќе продолжиме понатаму, рече Деаноски.