Тензична ситуација е создадена на Косово по последните изјави на српскиот претседател Александар Вучиќ и на косовскиот премиер Албин Курти. Синоќа, српскиот лидер Вучиќ соопшти дека Белград, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, ќе побара од меѓународните мировни сили во мисијата КФОР со која води НАТО, да осигури распоредување на илјада српски полицајци и припадници на војската во северните области од нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија којашто во 2008 година со поддршка на западните земји еднострано прогласи независност.
Коментирајќи ги најновите тензии на Косово, особено откако владата во Приштина испратила неколку стотици припадници на своите безбедносни сили на северот каде што доминира српското население што според Белград не е во согласност со меѓусебните договори постигнати со посредство на ЕУ и САД, Вучиќ во обраќањето до јавноста реч дека „текстот е усогласен“, а одлуката за барањето на српската влада ќе биде усвоена „во понеделник или вторник“.
Вучиќ цитираше дел од Резолуцијата 1244 во кој се наведува дека „на договорениот број српски воен и полициски персонал ќе ми биде дозволено да се врати на Косово и Метохија за да извршуваат должности како што тоа е наведено во Анексот 2“ од Резолуцијата.
-Од правна гледна точка, тука не може да има поинакво толкување.. и ова барање мора да биде прифатено. Јас, секако, немам никакви илузии и однапред ви кажувам дека тие ова барање ќе го одбијат, рече Вучиќ.
Косовскиот премиер Албин Курти реагираше по тензичната ситуација која настана и на граничните премини „Брњак“ и „Јариње“ на северот на Косово. Курти на Фејсбук порача дека Косово не сака конфликти, туку напредок и мир. Тој потенцира дека Косово со сите сили ќе одговори на агресијата. Курти на Фејсбук напиша дека доколку овие постапки не бидат осудени од ЕУ и САД, тоа ќе биде поттик за официјален Белград дополнително да го дестабилизира Косово.
-Србија веќе неколку дена му се заканува на Косово со агресија. Претседателот и премиерот на Србија повикуваат на враќање на илјада војници повикувајќи се на резолуцијата 1244 на ОН. Тие сакаат двојно повеќе чекори назад. Секое неуспех да се осуди ова оркестрирано насилство од страна на ЕУ и САД ќе го охрабри Белград дополнително да поттикне дестабилизација. Ќе загинат криминалците и русофилите. Косово ќе победи. Косово е европска, демократска и проамериканска држава, додека Србија е автократска, напиша Курти на Фејсбук.
Тензиите на северот на Косово последните месеци се кренаа откако косовската влада на Албин Курти почна да инсистира на промени на регистарските таблички на српските жители во регионот околу Митровица, што за српската страна е нелегално и бара да се основа договорената Заедница на српски општини што Курти го одбива.
Северот на Косово сѐ уште е блокиран и од граѓаните и од полицијата. На премините „Јариње“ и „Брњак“ не може да се помине ниту пеш, ниту со автомобил. На барикадите што Србите ги поставија во знак на протест против апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, ноќта помина мирно, но тензично.