Навреди и вербални пресметки почнаа да се случуваат во внатрепартиските судири во Демократска унија за интеграција. Поранешниот гостиварски градоначалник Невзат Бејта, кој е и дел од таканаречената „огнена група“ во ДУИ, синоќа најпрво го обвини спикерот Талат Џафери дека коалицирал со Таравари на изборите во Гостивар, а потоа го навреди и вицепремиерот Артан Груби.
Во емисијата „Програма 200“ на Алсат, Бејта изрече повеќе навредливи зборови за Артан Груби кога беше прашан „зошто Груби му е толку скап на Ахмети“.
-Артан Груби не е од металите кои се мерат со карати, туку е метал кој нема карати, бидејќи ако имаше карати ќе беше добро. Тогаш немаше да прави раскол во ДУИ. Тие што немаат карати се железо, тенекија. Металите кои имаат карати се добри метали и вредни кои луѓето ги сакаат, но и луѓето врз основа на добрите работи кои ги прават, и тие се мерат во карати. Ако сплотуваат и ако не прават елиминирање на членството и ако не им штетат. Но, тие и им се закануваат на членовите бидејќи ја имаат власта, но членовите не се плашат, изјави Невзат Бејта во емисијата на Алсат.
Првиот вицепремиер Артан Груби кој вечерва заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и други партиски соработници беше на средби со сопартијци и граѓани во Гостиварско, прашан за коментар во врска со навредите од Бејта, за весникот Лајм изјави дека ексградоначалникот на Гостивар му е сопартиец и му посака се најдобро и добро здравје.
-Бејта ми е сопартиец. Нему и на неговото семејство му посакувам се најдобро и добро здравје“, рече Груби во видео-изјава за весникот Лајм.