За два месеци третман во „Лајка“ поминале 214 бездомни кучиња, а уште колку имаат за заловување?

Во јули и август хуман третман во „Лајка“ поминале 214 бездомни кучиња, соопшти денеска ова скопско претпријатие задолжено за грижа за бездомните животни.

Во информацијата до јавноста се наведува дека во месец јули, 2024 во ЈП „Лајка“ хуманиот третман го поминаа 112 кучиња,102 од нив беа заловени од нивните заловувачки тимови, а 10 беа донесени од граѓани. Среќно се вдомија 23 кучиња, а 85 беа вратени на матичната локација.

-Во месец август, 2024 во ЈП „Лајка“ хуманиот третман го поминаа 102 кучиња, 84 од нив беа заловени од нашите заловувачки тимови, а 18 беа донесени од граѓани. Среќно се вдомија 30 кучиња, а 70 беа вратени на матичната локација, информираат од „Лајка“.

Инаку, во април годинава директорката на „Лајка“ Радмила Пешева изјави дека на скопското подрачје има околу 5.000 бездомни кучиња и дека од нив само половина се стерилизирани. Во просек, месечно се заловувале и третирале околу 100 бездомни кучиња, а што е недоволно за да се реши проблемот со неконтролираното размножување на кучињата на подрачјето на Скопје. Проблемот се зголемува и со тоа што Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња од други градови на одредени локации.

-Повеќе од очигледно е дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња. Неретко станува збор за големи раси на кучиња. Голем дел од нив се недоверливи и ова не е карактеристично за кучиња од градска средина. Овој наплив логистички е речиси невозможно да го направи поединец, потенцираа неодамна од „Лајка“.

Истовремено, ова градско претпријатие се соочува со финансиски проблеми бидејќи скопските општини не си ја исполнуваат својата обврска.
-„Лајка“, претпријатие кое треба да ги стерилизира кучињата е заглавено во стари долгови, бидејќи единствениот буџет кој го има е од Град Скопје. Скопските општини скоро воопшто не ги плаќаат средствата за кои имаат обврска да ги исплаќаат. Годишно секоја од скопските општини има обврска да исплати по два милиони денари  (32.000 евра) за ЈП “Лајка“, а тие тоа не го прават. Како за пример од вкупно 10 општини во 2022 година средства исплатиле само 3, а за да има резултати „Лајка“ треба да постапува во сите 10 општини. Ако сите општини си ги исполнуваат обврските, претпријатието ќе биде поефикасно, се потенцира во дописот од ова градско претпријатие.

Во таква ситуација, прашањето кое се наметнува е дали ефектите од работењето на „Лајка“ воопшто се гледаат на теренот бидејќи бројот на бездомните кучиња постојано се зголемува. Од една страна со неконтролирано размножување од причина што „Лајка“ нема доволно кадар и средства за да ги истретира сите кучиња, а од друга страна со неприродниот прилив на кучињата кои се носат од други општини.

Претходна вестСудењето за убиствата на Вања и Панче почнува на 4 септември
Следна вест129 вработени во УЈП треба да ги вратат зголемените износи на платите за 7 месеци