Почнувајќи од 14 јуни започнуваат уписите во средните училишта кои ќе се спроведат преку три пријавувања во текот на следниот месец.
За оние ученици кои ќе полагаат поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, уписите ќе бидат на 23 август во оние училишта во кои ќе има слободни места.
Конкурсот за учебната 2021/2022 година предвидува во 109 средни училишта вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.
Фокусот е ставен на стручното образование, како образование на сегашноста и иднината.
Оформени се 97 паралелки во 46 средни училишта во 25 општини, кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование, кој е интересен за младите затоа што се фокусира повеќе на практична обука на работно место, наместо на изучување теорија во училница.
Според новата политика на стипендирање на средношколците, за новата учебна година предвидени се 2.000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование.
Двеста стипендии во износ од 2.200 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината ќе бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка. Ова е одличен мотив за учениците, додека се едуцираат, истовремено и да остваруваат дополнителен приход.