Во јавниот сектор во земјава заклучно со 31 декември лани биле вработени 132.088 лица во 1.346 институции. Споредено со лани, има околу 900 вработени повеќе, а единствено намалување за околу 600 лица има во органите на државната власт.
Најголем дел вработените во јавниот сектор работат во образование, повеќе од половината имаат најмалку високо образование, а просечната старост на вработените е 46 години.
Ова го покажува анализата на Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2021 година што денеска го презентираше министерот за информатичко општество и јавна администрација Адмирем Алити.
-19.311 лица работат во АРМ, МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција и за нив поради специфичноста на дејностите не се презентираат подетални анализи. Тие се прават за останатите 112.777 вработени во целиот јавен сектор. Во Владата, министерствата, органите во нивен состав, органите на државната управа… се вработени 15.302 лица. Најголем е бројот на вработени лица се во образование, со 33 отсто, потоа во здравство 19 отсто, комуналните дејности на јавните претпријатија со 9 проценти од вкупниот број вработени…, рече Алити.
Од Извештајот може да се види дека поголем број од вработените или 55,3 отсто се жени, а 44,7 отсто мажи. Просечна возраст на вработените во јавниот сектор е 46 години. Во однос на етничка припадност на ниво на цел јавен сектор Македонците се застапени со 73,57 проценти, Албанците со 20,35, Турците со 1,95, Ромите 1,19, Србите со 1,07 проценти….