Македонија купува систем за против воздушна одбрана од Франција во вредност од 66 милиони евра кои ќе се плаќаат во следните четири години, потврди денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Според неа замената на системот е планирана активност од пред неколку години како обврска кон НАТО но и како дел од долгорочната стратегија за развојот на армијата за која подолго време траеле преговори со разни производители на против воздушни ракети. Петровска нагласи дека овај против воздушен одбранбен систем не се купува заради некаква закана кон земјава.
-Во овој момент не постои конкретна закана за напад врз нашата држава, меѓутоа инвестициите во одбрана се дел од стратегискиот одбранбен преглед и дел од сите долгорочни планирања, рече Петровска.
Петровска, посочи дека замената на противвоздушниот систем кој го имаме е една од обврските и тоа е проект којшто е започнат пред неколку години.
– Станува збор за финализирање на договорот, кој веќе неколку години се следи постапката на преговарање со различни производители, испитување на понудената опрема од стручен тим од Армијата и она што во петокот беше презентирано пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност, практично е финалниот документ, појасни Петровска, во изјава за медиумите по денешниот брифинг во Министерството за одбрана.
Вкупните финансиски импликации од овој договор се 66 милиони евра, а Петровска појасни, дека исплатата ќе биде во период од четири години.
Инаку, Македонија на 7 и 8 ќе биде домаќин на една многу значајна конференција на НАТО комуникатори. Околу 300 лица од областа на комуникациите на НАТО алијансата од 30 земји во Македонија ќе договараат како во мирнодобски но и во воени услови земјите членки на НАТО да имаат еден глас и брзи информации во битката со дезинформациите кои се користат во медиумската лажна воена пропаганда која веќе има свои примери во сегашниот воен конфликт.