За недела – неработен ден ќе почекаме до 1 јануари 2022

Примената на Законот за работни односи и „Недела неработен ден“ ќе бидат со одложена примена, од 1 јануари 2022 година, соопштија вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шехпаска на денешната редовна месечна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог што се одржа во Владата.

По повеќе од три месеци најава, уште не е готово законското решение за недела да биде неработен ден. Министерката за труд и социјална политика вели дека произлегле и други размислувања за кои се дебатира отворено.

Првичната замисла на ресорното министерство беше недела да биде неработен ден за сите работници, освен за оние во дејностите кои се неопходни за непречено функционирање на државата.

Со ова не се согласува министерот за економија Крешник Бектеши, кој порача дека законското решение не треба да важи за трговските и туристичките центри, оти се работи за големи инвестиции и прилив на странски туристи во земјава.

Вицепремиерот за економски прашања Битиќи најави дека недела неработен ден нема да важи за 34 дејности, каде работењето во недела всушност ќе се плаќа со друга дневница и за тоа ќе следува слободен ден во текот на неделата.

Синдикатите сметаат дека недела треба да биде слободен ден за сите и во државниот и во приватниот сектор, а тоа да се спроведува со строги контроли од инспекциските служби.

Претходна вестШабан Трстена: Бев блиску до смртта, му благодарам на Бога и на медицинарите што ме спасија
Следна вестМожно е пролонгирање на теренското попишување ако треба да се вакцинираат попишувачите?