Министерството за надворешни работи никогаш не правело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Бугарија, тврди министерот Бујар Османи.
Тој на прес-конференција со генералната секретарка на ОБСЕ беше прашан по оставката на член од Комисијата обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата од страна на висок функционер на МНР.
– Министерството за надворешни работи е координатор, односно го води овој процес на разговори со Република Бугарија и е надлежна институција за имплементација на Договорот од 2017 година. Во однос конкретно на работата на Историско-образовната комисија, МНР логистички ја поддржува Комисијата и затоа состанокот се одржува овде во Министерството, ресурсите ги обезбедува Министерството, Комисијата има договор потпишано со Министерството и оттука е односот на Министерството кон работата на Комисијата. Но, никогаш во однос на содржината, делокругот на работата на самата Комисија, рече Османи.
Тој посочи дека ќе го разгледаат последниот случај, бидејќи сепак се случил непосредно пред прес-конференцијата и оти ги нема сите информации. За него е најважно Комисијата да продолжи со работа и оти МНР ќе продолжи логистички да го поддржи тој процес, и, повтори ниту се мешало ниту ќе дозволи да се меша во содржината и во одлуките што ги носат историчарите.
Османи исто така кажа дека тоа што ништо не е договорено н состанокот н оваа комисија вчера многу повеќе го вознемирува отколку тоа дали еден член поради различни причини се повлекол.
Во однос на тоа дали Комисијата продолжува и денеска со работа, Османи одговори потврдно, бидејќи состанокот е во тек.