За повеќе од шест пати поевтинуваат катастарските услуги

Катастарските услуги поевтинуваат за 4,5, 6 и повеќе пати за граѓаните, информираа денеска директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Иван Живковски и премиерот Христијан Мицкоски.

Ова намалување ќе важи 10 дена откако ќе биде донесен новиот изменет Тарифник.

– Доколку купите нов стан со гаражно место вие ќе треба да платите 4 пати по 1.250 денари, за имотен лист, за земјиштето под зградата, за заедничките простории и 1.250 денари за гаражното место. Ние предлагаме за една катастарска општина по правен основ вкупниот износ да изнесува во една единствена цена 1.250 денари. Овој тарифник ќе важи и за наследство и подарок. Доколку некое лице купи повеќе недвижнини, ова намалување ќе биде пониско со 6 отсто, рече Живковски.

Тој рече дека нема пресметка колку пари биле собрани од скапиот февруарски тарифник на Катастарот, но рече дека за една година по намалување на цените проекциите говорат дека граѓаните ќе заштедат меѓу 700.000 и 1 милион евра.

Живковски рече дека кога дошол во катастарот затекнал состојба на заглавени 5.500 предмети. Од нив, по доаѓањето на новото раководство се завршени 2.200. Директорот најави дека до крајот на месецов тие предмети ќе бидат завршени.

За премиерот Мицкоски покрај намалените цени на катастарските услуги кои се намалуваат и за повеќе од 6 пати важно е и тоа што се работи на реформи со кои целосно ќе се искорени корупцијата во оваа институција.

-Сите овие поевтинувања коишто се прават и коишто се важни за граѓаните и од тоа што го слушнав од директорот можам да заклучам две работи. Првата работа е дека услугите за четири, пет, шест па и повеќе пати поевтинуваат за граѓаните. До милион евра годишно ќе остануваат во паричниците на граѓаните. Втората работа којашто исто така е многу важна, дека катастарот полека но сигурно се ослободува од криминалот. Забележавте дека илјадници предмети биле не решени, директорот е скромен и не сака да каже можеби детали коишто допрва органите на редот и истражните ќе треба да се позанимаваат, но верувајте дека ќе има многу за истрага. Ценам дека сето она што во минатото било предмет на поинаков однос со граѓаните и поради тоа се создавала таа гужва, односно не биле решавани предметите, многу скоро ќе излезе на виделина и ќе бидат истите тие решени, потенцира премиерот.

Мицкоски посочи дека се додека имаме високо ниво или перцепција за криминал и корупција ние не можеме да се развиваме како држава.

-Да го охрабрам директорот, раководството, сите овде коишто се дел од новиот раководен тим на Катастарот да продолжат со ваков тип на реформи и да работат во интерес на граѓаните, бидејќи граѓаните се тие коишто се најважни, се останато е од споредна природа, истакна премиерот.

Претходна вестГоривата поевтинуваат за два денара
Следна вестИЈЗ: Досега регистрирани 1.032 случаи на голема кашлица, во последниве пет години имало само 10