Македонските државјани кои се заболени од корона вирусот ќе може да се лекуваат бесплатно во болниците во соседните земји Србија и Албанија. Истовремено, државјаните од овие земји, исто така, ќе може да бидат хоспитализирани во Македонија доколку се затекнат на наша територија. Ова произлегува од денеска потпишаниот Меморандум за соработка меѓу овие три земји.
Премиерот Зоран Заев заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ, во присуство на министрите за здравство, одржаа координативен состанок, по што потпишаа Меморандум за соработка за регулирање на односите меѓу државите во услови на кризата со ковид-19. Со него се предвидува размена на искуства и соработка во борбата против корона вирусот, како и овозможувањена државјани на трети земји да бидат примани во локални болници. Исто така, ќе продолжи и економската размена и трговија и соработка меѓу трите држави.
Албанија и Србија исто така го потпишаа и билатералниот договор за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти.
Премиерот Зоран Заев денеска на потпишувањето на на меморандумот рече дека македонските граѓани нема да плаќаат од свој џеб доколку бидат хоспитализирани во овие две соседни земји.
– Македонски граѓанин ако треба да се лекува во една од овие две соседни земји во која е хоспитализиран, таа земја ги превзема трошоците. Доколку наш граѓанин треба да се лекува во Албанија или Србија, нема да треба да плаќа од својот џеб. Исто и граѓаните од Србија и Албанија нема да плаќаат од свој џеб доколку се затекнат со лекување на нашата територија, рече Заев.
Тој додаде дека утре во рамките на Берлинскиот процес очекува позитивна поддршка од ЕУ во прогресот на овие три земји во евроинтеграциите, односно почеток на преговорите за Македонија и Албанија.