Заборави ли ЈСП дека после август доаѓа 1 септември?

На првиот училишен ден социјалните мрежи ги преплавија фотографии од автобуси на ЈСП во кои без растојание и во огромен број се транспортираат патници, најмногу ученици. Во време на експлозија на новиот бран на ковид-вирусот, граѓаните бараа од јавното претпријатие да обезбеди повеќе автобуси кои почесто од вообичаениот возен ред ќе транзитираат низ градот. Но тоа барем вчера не се случи, напротив автобусите возеа по неделен наместо по делнички возен ред.

Од ЈСП вчера испратија соопштение во кое најавија сообраќање по делнички ред, ама нема временска рамка од кога, ниту пак објаснување зошто не се подготвени на 1 септември.

-Автобусите ќе сообраќаат по делничен возен ред, односно јавниот превоз ќе го опслужуваат зголемен број на возила во споредба со изминатите неколку месеци.Возниот ред е достапен на нашата веб-страница, велат од ЈСП.

И градоначалникот Петре Шилегов се обиде да ја смири тензијата, но и тој немаше сигурни стратегии како ЈСП ќе се бори да не се создаваат ковид-кластери. Ако веќе не е доцна, се разбира.

-Ќе ги оптимизираме линиите и од понеделник, според она што јас го имам како сознание, целокупниот систем на јавен превоз ќе влезе во редовен режим на работа со цел да избегенеме створање гужви коишто секогаш се реалност во јавниот превоз, рече Шилегов вчера.

Стоење без дистанци, во гужва, ретки линии на најпотребните автобуси – ова е реалноста што не смееше да се дозволи на стартот на учебната година. Ако се знаеше дека учениците поаѓаат со физичко присуство, јавното сообраќајно претпријатие мораше да има подготвено соодветен план, за да спречи ширење на заразата. Наместо тоа, фотографиите од нервозните граѓани во автобусите, но и решенијата на ЈСП изразени во форма на планови за иднина – во време кога имаме безмалку 30 починати дневно од ковид 19 – се разочарувачки. Одговорност?

Претходна вестНе престануваат гужвите на Табановце – 40 минути чекање за излез
Следна вестБилетите за саемот на книга се купуваат онлајн