Задолжително лекторирање, вработување лектори во институциите, мотивирање на младите да го изучуваат…, донесен Законот за употреба на македонскиот јазик

Пратениците го донесоа Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот од 1998 година. Законот беше дополнет со прифатени амандмани на матичната собраниска Комисија за култура и донесен во целина со гласовите на сите 96 присутни пратеници на 139-та седница, која ја водеше новоизбраниот претседател на Собранието Јован Митрески, без против и без воздржани гласови.

Законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали, со објавување на името на лекторот, задолжително вработување лектори во сите јавни институции и органите на власта, во државни институции, училишта, издавачки куќи, медиуми, со што се очекува да се зголеми и интересот за студирање македонски јазик. Ќе се формира и Инспекторат за надзор над примената на законот.

– Посебно сум задоволен што прв закон кој го потпишав како претседател на Собранието е Законот за употреба на македонскиот јазик. Македонскиот јазик е заштитен како симбол на нашиот идентитет и посебност. Наша обврска е да го негуваме и унапредуваме, но и да го промовираме. Го зајакнуваме инспекцискиот надзор, се основа инспекторат за примена на македонскиот стандарден  јазик, но исто така се создава и правна основа за донесување на национална стратегија за македонскиот јазик за период од пет години. Преземаме и конкретни мерки за зголемување на интересот кај младите да го изучуваат македонскиот јазик. Создаваме можности за доделување стипендии за  учениците од четврта година средно образование, додипломски студии, магистерски и докторски студии, објави на својот профил на Фејсбук новиот собраниски спикер Јован Митрески.

Инаку, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во излагањето пред гласањето рече дека со многу труд, посветеност и ентузијазам успеале да ги исполнат заложбите за заштита и унапредување на македонскиот јазик.

Посочи дека по неколку незначителни измени на досегашниот закон, стар 25 години, новиот закон нуди решенија и механизми за градење соодветна јазична политика, дополнителни механизми во функција на зајакнувањето на почитување на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.

-Денес правиме вистински потфат во унапредување на јазикот и зајакнување на македонскиот идентитет. Односот кон јазикот јасно ги покажува нашите намери  и на сите оние кои учествуваа во транспарентната постапка на негова подготовка. И на јазикот се кршеа копја и се водеше политикантство, но покажавме дека со јазикот, културата и македонскиот идентитет нема компромиси. Со изгласувањето на овој закон, не добиваме само нов и современ закон за македонскиот јазик, туку и пример како треба да се изработува еден правен акт кој е од заеднички интерес, а тоа е со широка јавна дискусија и соработка на сите засегнати страни, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Рече и дека новиот закон дава правна основа за да се донесе национална стратегија за македонскиот јазик, а од него  произлегуваат и важни иницијативи, како стипендирање ученици од четврта година средно образование и студенти на додипломски, магистерски и докторски студии со што смета дека се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.

Гордана Силјановска-Давкова од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во расправата кажа дека е направен „голем чекор напред“ и дека „ова е почеток на успешна приказна“ затоа што, како што рече, секојдневно се соочуваме со непочитување на македонскиот јазик во државни институции и дека новиот закон „ќе нѐ насочи кон потребата од негово зачувување“. Посочи дека во дискусијата се прифатени амандмани, но остануваат, рече, недовршени работи.

-Mногу подобро членовите на Советот за македонски јазик „да се регрутираат“ од најважните институции за заштита на јазикот, и самите тие да го избираат претседателот на Советот, а не тоа да го прави Владата. Бев восхитена од изјавата на бугарскиот преведувач на македонска современа литература Пламен Тотев дека неверојатно уживал во читање  и споредување на македонската и бугарската белетристика и дека во македонскиот јазик препознава и признава европски тенденции од зачетоците до денес. Тоа е добра волја и сѐ додека има вакви изјави има надеж за меѓусебно разбирање, рече таа.

Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ рече дека „ќе остане во минатото и нема да се повтори газењето на македонскиот јазик, целосна непочит кон творецот, таткото на современиот македонски јазик Блаже Конески, кој не така одамна беше нарекуван „џуџето од Небрегово’“.

-Не бегаме од поимот македонистика и никогаш нема да доживееме однесување на целосно непочитување на сопствена историја и јазик кој го признава  Европската Унија, рече Калеска-Ванчева.

 

Претходна вестБлагоја Фотев партизанска пушка по војната ја замени со работа за македонските финансии и земјоделство
Следна вестМандатарот на идната преодна влада ги добил сите предлози од политичките партии за министри и заменици министри