Задутре ќе се одржи увид во супервештачењата за „Ласкарци“, роднините на загинатите револтирани

Увид во две супервештачења изготвени од два тима на машински и сообраќајни инженери за сообраќајна несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица ќе се одржи задутре. Ова беше решено на денешното рочиште во Основниот Кривичен суд Скопје, по дадена согласност на сите странки, поради економичност и целисходност на постапка.

На изминатото рочиште пристигна вештиот наод од Бирото за вештачење и истиот им беше доставен на обвинителот и обвинетите преку нивните бранители. Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Но, дел од роднините на загинатите денеска изјавија дека незадоволни од она што го добиле како супервештачењето од Бирото за судски вештачења. Благојче Трпески, родител на Јовица Трпевски, настрадан во автобуската несреќа рече дека кај блиските роднини има огромен револт, но и сомнеж за тое дека правадата нема да ги стаса виновниците.

-По она што можев да го видам она супервештачење, ништо нема да промени од претходните доказни постапки изведени во претходниот период. Тоа покажува колку Бирото за судски вештачења посветило сериозно внимание на ваков предмет. Тоа супервештачење содржи 50-60 страници од кои повеќе се слики. Ние изгубивме доверба во судството и институциите кои го водат овој процес. На 14 февруари оваа година се прави четири години од несреќата. На 50-60 страни да се прави супервештачење, а тоа да се толерира од судот со изговор дека нема ресурси, а тие кои го побараа… Од претходните институции беше направено професионално вештачење на повеќе од 2000 страници. Ова нема ништо да промени. Кај нас се создава огромен револт и сомнеж дека намерно се одолговлекува за да убијците, виновниците на 16 луѓе, не ги стигне правдата. Ние тоа нема да го дозволиме, вели Благојче Трпески во изјавата што ја пренесува агенцијата Макфакс.

Претходна вестИзгорел во сопствениот дом, пожарот настанал од неизгасена цигара
Следна вестНајмладиот член на Менса, има само четири години, научил да чита на две години