Заев бара обединување, но не сака да се сретнува со опозицијата

Бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ откри и колку, всушност, значат пораките на власта дека е потребно обединување и помирување во државата. Премиерот Зоран Заев и шефот на државата Стево Пендаровски во изминативе месеци, на празнувањата на 8 Септември, на 11 Октомври, на Денот на АРМ.. праќаа пораки за потребно обединување на сите во Македонија околу важните државни прашања, но…

Премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју на ТВ21 отворено кажа дека не сака разговор со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски околу ЕУ интеграциите пост бугарското вето. Заев, имено, одби да се одржи лидерска средба со Мицкоски бидејќи ставовите му биле „ризични“.

ема потреба од лидерска средба. Средбата со Мицкоски ќе придонесе за караница со Бугарија а тоа во моментов не е потребно, изјави синоќа Заев.

А од друга страна Заев во врска со ветото од Бугарија и како понатаму кон ЕУ денеска излезе со став: „треба да продолжиме во духот на дијалог, а не низ конфликти, да дојдеме до решение“. Значи ли тоа дека еднаш (за надвор од Македонија) е за дијалог, а еднаш (за внатре) има други планови?

Неговиот министер пак, Никола Димитров, два пати го игнорираше собранието каде беше должен да дојде за да се расправа околу македонските напори за влез во ЕУ. Имаше и предлог декларација од „Левица“ која од собраниското мнозинството предводено од СДСМ е ставена на страна.

Како тогаш да се гради толку посакуваното заедништво кое го бараат Заев и Пендаровски? Бугарија манифестира единство по прашањето за Македонија, што ќе манифестира нашата држава?

Сега останува да се види дали ќе реагира Пендаровски. Тој, неодамна, на прославата на 11 Октомври порача дека е „Нужно, час поскоро, да се помириме и обединиме во изградбата на солидарно општество во кое ќе се почитува правото на достоинствен живот на секој македонски граѓанин“.

Проблемот кој настана со Бугарија, сигурно, е еден од моментите кога е потребно токму таквото обединување. И од него не треба да се бега. Напротив. Инаку, ќе излезе дека празничните пораки на Заев и на Пендаровски траеле само до бугарското вето или додека е празникот.

Освен ако Заев под заедништво не подразбира дека треба сите заедно во Македонија  да го поддржуваме него и неговите тактики и планови кои тој не ги носи во заедништво.

Претходна вестМакедонија без осум стандардни првотимци за дуелот со Ерменија
Следна вестСоветот за безбедност е закажан за утре, ќе се решава ли и за полициски час?