Треба ли набрзина да се донесат obemni образовни реформи без пред тоа да се подготви терен за нив? Зошто се игнорираат сериозните забелешки на многуте образовни институции? Никаде во светот не се фузираат предмети од општенствени и природни науки, а кај нас тоа министерката Царовска го најавува…
На сите овие дилеми одговор требаше денеска да се даде на собраниската расправа. Свое мислење кажа и премиерот Заев.
-Овие денови се слушаат гласови дека брзаме со образовната реформа. Моето мислење е спротивно – ние доцниме со реформите во образованието. Тие требаше да се случат пред десетина години зашто како неопходност ги наметнуваше исклучително брзиот развој во сите општествени сфери. Но, кога велам доцниме, истовремено велам дека и нема да избрзаме, изјави денеска премиерот Зоран Заев во обраќањето со кое почна јавната собраниска расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование.
Јавната расправа по предложената концепција ја организира матичната Комисија за образование, наука и спорт. На седницата денеска се присутни претставници на Владата, МОН и од органите во негов состав, од државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта,…
Во текот на досегашната јавна расправа, до 21 јануари, повеќе инситутуции кои ја критикуваа предложената концепција бараа да не се брза со неа и таа да биде подобро подготвена. По денешната најава на премиерот дека нема да се избрзува со реформата се поставува прашањето дали надлежните со подготвени да ги уважат и тие забелешки?
Според Заев, целта на реформата е да го осовремениме нашето образование со нов модел на наставата кој е инспириран од образовните системи на развиени земји во Европа и светот. Истовремено, имајќи ги предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со светските искуства да создадеме национален, македонски модел на основното образование.
Тој потенцира дека со презентацијата на нацрт-концепцијата јасно се покажува дека со предметот Општествени науки не се укинува предметот Историја или други предмети.
-Содржините од нив се предвидуваат да станат задолжителен дел од новата наставна програма. Не се предвидува ниту намалување на наставници по Историја, Географија и Граѓанско образование, туку продолжуваат, рече, заедно да ја планираат наставата со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин, потенцира Заев.
Што значи ова тврдење на Заев дека нема да се избрзаат реформите остана нејасно. Опозицијата пак имаше други нејаснотии – како е правен редоследот на дискутанти и дали јавната расправа се претворила во владина пропаганда во која нема место за дискусии на експертите кои се разбираат во образованието.