Заев е отворен за компромис околу матурата, ќе се согласи ли непопустливата Царовска?

Ќе има ли наскоро крај на неизвесноста околу полагањето матура? Министерката Мила Царовска не им попушташе на барањата на матурантите, но сега во сето тоа се вклучи и премиерот Зоран Заев.

-Свесни сме дека во време на корона кризата е потребно да излеземе во пресрет и низ дијалог да изнајдеме компромисни решенија, рече Заев на вчерашната средба со претставниците на Сојузот на средношколци во Владата.

Според соопштението на Владата, средношколците, како претставници на Сојузот му ги образложија на премиерот Заев своите барања, повикувајќи се на образовните модели во Франција, Белгија и Обединетото Кралство, каде е намален бројот на предмети, кои матурантите ќе ги полагаат годинава. Познато е, средношколците бара наместо четири да се полагаат два предмета за државната матура од кои еден ќе биде мајчин јазик, а вториот по избор на матурантот во зависност од намерата на кој факултет сака да го продолжи образованието. Актуелното решение предвидува да се полагаат четири предмети за државна матура за целиот материјал во изминатите четири години од образованието.

Заев изразил поддршка на младите средношколци и истакнал дека Владата е отворена низ дијалог да разговара за изнаоѓање заедничко компромисно решение, кое е во полза на матурантите, со цел нивно квалитетно образование и во средното и понатаму во високото образование. Тој истакна дека процесот за барање на некое решение не треба да биде на штета на матурантите и на средношколците.

Претседател на Сојузот на средношколците Бленди Ходаи по средбата изјави дека е неопходно да се најде решение.

– Од страна на премиерот Зоран Заев постои волја за да се изнајде решение за нашиот проблем со МОН. Ние ќе се трудиме до крајот на февруари да имаме одлука и да ја завршиме целата дискусија во јавноста за државната матура. Ако до крајот на февруари немаме решение во однос на државната матура тогаш со шатори ќе кампуваме пред МОН. Тоа го утврдивме пред два дена и ќе го направиме ако нема компромис и волја од страна на Владата и Собранието за што побрзо да се најде решение за државната матура, рече Ходаи.

Од друга страна, министерката за образование Мила Царовска до сега одбиваше да ги прифати барањата на матурантите и излегуваше со ставот дека промените се можни од следната учебна година. Сега е прашање како ќе реагира на најавите на премиерот дека ќе се бара компромис.

Претходна вестДенеска стартува и пријавувањето за вакцинирање против Ковид-19, само уште вакцините фалат
Следна вестПреиначена судската одлука, за сообраќајка кај „Млечен“ возачот ќе оди во затвор