Заев индиректно му кажа на Наумовски дека нема да биде кандидат за Ѓорче Петров

Премиерот Зоран Заев денеска, одговарајќи на прашање кои од актуелните градоначалници ќе влезат во трка за нов мандат наесен, при што беше посочен и градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумовски, порача дека сите се негови другари и другарки, но прв приоритет е победата и затоа дали ќе се оди со актуелните или со нови кандидати, ќе се одлучува врз основа на анкетите.

-Нашите градоначалници се нашите фаворити затоа што сами реализираа многу проекти, исто така, со поддршка на владата. Верувам во период кога имавме, покрај локалните избори, референдум, претседателски и парламентарни избори, се случи и пандемијата, дека сето ова што е сменет лик на општините и на државата е главната причина да даваме поддршка. Но, ние сме само дел од општествениот амбиент. Очекуваме низа анкети, граѓаните да ни кажат што преферираат и тоа ќе ни биде водилка, а сите можеме да бидеме корисни во форма на кандидати, но и извршување на други функции, па дури и враќање во приватните институции, рече Заев.

Без да даде конкретен одговор Заев му порача на Наумовски дека најверојатно може да се прости со кандидатурата за уште еден мандат на чело на Ѓорче Петров. На ваквата одлука најверојатно ќе влијае тоа што во анкетата на ИРИ токму Наумовски, заедно со Петре Шилегов, беа градоначалници со највисок негативен рејтинг. Граѓаните во таа анкета јасно му покажаа црвен картон на актуелниот градоначалник на Ѓорче Петров.

 

Претходна вестПромоција на „Видеологија“ на 29 јуни во МКЦ
Следна вестДобро е: Нема починати, a само три нови заразени – во 16 града нема ниту еден случај