Заев: Јас ќе бидам премиер, а во последните 100 дена од мандатот ќе биде Албанец по предлог на ДУИ

Зоран Заев ќе биде премиер во најголемиот дел од четиригодишниот мандат на новата влада, а во последните 100 дена од истекот на мандатот владата ќе ја предводи премиер – Албанец. Ова е резултат на коалицискиот договор кој денеска го постигнаа лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети на средбата во Скопје.

На конференцијата за печат по средбата Заев и Ахмети изјавија задоволство од постигнатиот договор. Заев рече дека Ахмети и ДУИ покажаа доблест во однос на своите претходни ставови за премиер-Албанец.

-Новата влада ќе ја предводам јас со полн четиригодишен мандат. Но, заради искажаната доблест и големина која ја покажаа ДУИ заради иднината на граѓаните и на државата во последните 100 дена владата ќе ја води премиер на предлог на ДУИ. Претходно, ќе се укине „Пржинската влада“ и на 100 дена пред парламентрани избори сите партии ќе бидат еднакви, никој од лидерите нема да биде премиер. Новиот премиер ќе биде на предлог на ДУИ, но нема да биде технички. Ова е зашто сме еднакви во земјата, секој граѓанин треба да има еднакви права и обврски, да може да избира и да биде избран, рече Заев.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети го поздрави договореното и му одаде признание на Заев што се согласил премиер да биде и Албанец.

-Ова се храбри одлуки. Ова е ново партнерство кое ќе биде едно од најуспешните кое ќе биде прифатено од граѓаните. Господ да ни е на помош, рече Ахмети.

Во однос на распределбата на ресорите Заев рече да се остави време за да оваа одлука биде потврдена од партиските тела. 

Заев во изјавата тој ги наведе принципите врз основа на кои ќе почива новата коалиција.

-Ќе бидат предложени квалитетни кадри врз основа на принципот „Едно општество за сите“ и рамноправноста на мажите и жените. Нема да се предлагаат министери без ресор освен вицепремиери, ќе има неселективна борба со криминалот, прочистување на правосудството и испитување на имотот на функционерите. Ќе се намалат привилегиите на функционерите, а посебно внимение ќе се посвети на заштитата на животната средина, рече Заев.

Тој потенцира и дека ќе се укине и досегашната пракса на „Пржинскиот модел“.

-Ќе се укине „Пржинската влада“ а веќе од претстојните локални избори ќе се промени изборниот модел. Ќе има и намалување на администрацијата за 20 проценти.  Во првите шест месеии ќе се распределат на работа сите нераспределени вработени според „Рамковниот договор“, рече Заев.

Претходна вестФилипче: Од изолација поради вирусот ќе се излегува без контролен тест
Следна вестНаместо разни најави за депонијата кај Вардариште, одамна требаше да ја направите парк!