Заев контра Агелер: Анѓушев работеше чесно, одговорно и посветено

Анѓушев е мој пријател и соработник кој исклучително го почитувам. Јас го замолив во мај 2017 година да прифати, да одработи одреден период за македонскиот народ и државата. Тоа го правеше чесно, одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата подршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави, наведе поранешниот премиер Зоран Заев во јавното пишано обраќање по повод ставањето на бизнисменот Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД.

Тој додава дека САД се стратешки пријател и партнер на Македонија. Заев наведува дека без да ја коментира и да навлегува во детали за оправданоста на одлуката на Стејт департментот за забрана за влез во САД на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев тој стои на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено – економска и политичка тема во земјава вклучително и основот за сомневањата кон Анѓушев.

-Јавно сакам да го споделам мојот став кој веќе и е познат на јавноста, а тоа е дека Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер. Голем дел од економските успеси на Владата беа директна заслуга на Анѓушев. Македонија ретко кога имала вака висок функционер кој е и професор но пред се и успешен деловен човек со огромно практично искуство во економската проблематика и предизвиците на државата во економијата. Како премиер, ми беше чест што имав таков соработник кому економијата и државата му беа секогаш на прво место. Знаеше да каже и покаже дека неговите фирми и капитал вредат онолку колку што ни вреди државата и дека само со успех на државата може да имаме сите надеж дека ќе успееме во сопствените приватните деловни планови. Сите шпекулации што ги слушам деновиве дури и од одредена јавна институција ги сметам за неосновани затоа што Владата и стручните служби своевремено им имаат обезбедено и испратено навремен, соодветен и основан одговор. Анѓушев е мој пријател и соработник кој исклучително го почитувам. Јас го замолив мај 2017 година да прифати, да одработи одреден период за македонскиот народ и државата. Тоа го правеше чесно , одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата подршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави, се вели во соопштението од Заев.

Претходна вестСамит ЕУ – Западен Балкан: Процесот на проширување е базиран на заслуги, но се има предвид и специфичната состојба во Европа
Следна вестДа се радуваме, власта обезбедила пари и ќе ја направи пругата кон Бугарија