Откако вчера премиерот Зоран Заев како претседател на СДСМ, партијата која ја предводи коалицијата на локалните избори упати писмо до членството во кое побара консолидација по лошите изборни резултати, денеска коалициските партии на ДУИ; БЕСА, ЛДП, ДОМ, ДПТМ со свои соопштенија изразија потврда дека остануваат во владината коалиција.
Но, истовремено и помалите партии во оваа коалиција се огласија со речиси идентични соопштенија, во кои ја изразуваат поддршката и ги повикуваат своите членови во вториот круг од локалните избори да гласаат за кандидатите за градоначалници на СДСМ и коалицијата.
Една од нив е Партијата за општествен и економски напредок ПОЕН која вели дека се залага преку своето политичко дејствување, да придонесува во создавањето на такви општествени односи во земјата во кои граѓаните ќе можат да живеат во безбедна, стабилна и просперитетна држава во која ќе владеат социјален мир, ред и поредок, со воспоставени стандарди на мултикултурното општество, засновано врз стабилни интеркултурни односи, со демократски политички систем, со владеење на правото и со почитување на темелните човекови права, слободи и достоинство, па велат дека дека цврсто стојат во коалицијата предводена од СДСМ, која ја нарекуваат авангарда на идејата за едно општество.
И Партијата на пензионери во своето соопштение вели дека мнозинството е стабилно и ги повикуваат сите нивни членови и симпатизери, да ја подржат коалицијата предводена од СДСМ и да гласаат за кандидатите за градоначалници на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ со што ќе дадат свој придонес во просперитетот на земјата.
Следни кои дадоа поддршка преку соопштение се Демократскиот сојуз на Власите кој ги нарече „замајување на јавноста“ информациите дека владината коалиција се ниша.
-Оваа владина коалиција и покрај сите предизвици како однадвор така и од внатре, останува цврста, обединета и сплотена во намерите да работи за напредокот на земјата и тоа и понатаму останува наша највисока цел. Демократскиот сојуз на Власите и понатаму останува дел од оваа коалиција затоа што препознавме вредности со кои Република Северна Македонија продолжува напред по демократскиот и европскиот пат, велат од партијата.
Исто така и ВМРО-Народна партија преку соопштение потврдува дека останува во владиното мнозинство, водејќи се, како што велат, од интересот на граѓаните и нивната желба за интеграција во европското семејство и упатуваат целосна поддршка на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за нашата општина“ во вториот круг од локалните избори.