Секој песимизам дека во Македонија немало и во догледно време нема да има доволно инвестиции премиерот Зоран Заев го разби со леснотија. Имено, тој вчера најави инвестиции од вкупно 12 милијарди евра во земјава. Првиот човек на Владата го претстави Планот за забрзан економски раст од 2022 до 2026 година во кој е наведено дека тие пари ќе дојдат во следниве пет години. Јавни инвестиции во тој период ќе изнесуваат четири милијарди евра, а тие ќе мобилизирала дополнителни осум милијарди инвестирани од приватниот сектор.
-Планот е донесен преку инклузивна постапка во комуникација со меѓународни финансиски институции, коморите и експерти. Тој нуди иновативен пристап до капитал за финансирање за забрзување на економскиот раст, пристап кој успешно функционира во ЕУ, објасни премиерот.
Убаво е да се чуе ваква најава. Сега уште следи во земјава да дојдат милијардите евра. Па кога ќе почнат да се отвораат нови работни места, ќе има сигурно и поголеми плати за вработените и сигурни пензии за постарите лица.
Но, убаво е и да се постави прашањето каде се сите оние други, претходно најавени, милијарди евра инвестиции кои до сега ги најавуваше токму Заев?
Во мај годинава тој го најави Интервентен план за инвестиции во периодот од 2021 до 2027 година со кој во земјава требаше да пристигнат цели осум милијарди евра инвестиции. Го спомна давање на зимскиот центар Попова Шапка под концесија од 99 години на позната европска компанија, изградба на дистрибутивен центар на Лидл во Скопје и отворање повеќе маркети на овој познат малопродажен синџир, 30 нови инвестиции во економските зони, изградба на нови фабрики, патишта, гасни централи, фотоволтаици…Повеќе од половината, или над 4,2 милијарди евра биле странски инвестиции или грантови од Европската унија преку инвестицискиот план за развој на Западниот Балкан, додека околу 3,8 милијарди евра ќе бидат домашни, државни средства.
Две години претходно, во објавата на својот профил на социјална мрежа Фејсбук Заев најави Инвестициски циклус тежок пет милијарди евра. Напиша дека една милијарда ќе оди во патишта, една милијарда во железница, една милијарда во енергетика, нов Клинички центар, инвестиции во земјоделството и руралниот развој, нови пречистителни станици, регионални фабрики за прибирање и обработка на отпад, канализациски и водоводни системи, училишта и градинки…
Колку милијарди пристигнаа и кои објекти и проекти се реализирани од овие најави на јавноста треба да и се каже. Дали се направија нов Клинички центар, нови пруги, нови патишта…
Во меѓувреме, јавноста само слуша податоци за нови задолжувања на државата.