Заев не се откажува од Законот за легализација на дивоградби

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека Владата ќе продолжи со дискусија во однос на Законот за легализација на дивоградби и притоа ќе ги земе предвид укажувањата од претседателот Стево Пендаровски, кој не го потпиша указот.

Заев тврди има подготвеност да се дополни Законот.

-Преку стручните тимови во Владата можеме и да одиме чекор понатаму во прецизирање на легализирање во национални подрачја, национални паркови, заштитени подрачја и слично, иако законите го определуваа тоа и досега. Се знае кој дава согласност, како се дава согласност и немаме легализација во националните паркови, изјави Заев.

Тој уште еднаш го истакна социјалниот аспект на законот, односно дека ако не се легализираат овие објекти, 50 илјади семејства ќе останат без дом.

Претседателот Пендаровски одби да го потпише указот на Законот за легализација на дивоградби и го врати во Собранието со образложение дека е неуставен и спротивен на владеењето на правото, како и дека со одредени членови се предвидува скриена амнестија за сопствениците на објекти што граделе „на диво“.

Претходна вест„Скопје вежба“ аеробик, јога, фитнес, бокс, зумба, атлетика…бесплатно е за сите
Следна вестЧетири лица влегле во дом во Илинден, истепале тројца, завршиле во болница и полиција