По бурните реакции и незадоволство на граѓаните во Македонија по вчера објавеното интервју на премиерот Зоран Заев се огласи самиот премиер. Тој изрази жалење што неговото интервју за БГНЕС предизвика толку негативни емоции, кои вели дека ги разбира и дообјасни.
-Никој не ги прашал Бугарите на референдум, за да можеме денеска цела Бугарија да ја квалификуваме како фашистичка, рече Заев, образложувајќи ги неговите ставови од вчерашното интервју.
Тој наведе дека имал обврска кон македонските граѓани да поттикне придвижување кон решение на проблемот.
-Треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме капацитет за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат, рече Заев.
Тој вели дека во 1948 се разладиле односите во тогашна Југославија и Бугарија и постоела железна завеса. Премиерот заедничката историја со Бугарија ја гледа во тоа што според него, во историјата имало луѓе што истовремено се чувствувале и како Македонци и како Бугари.
Заев за отсранувањето на спомен плочите каде пишува „бугарски фашистички окупатор“ вели дека тоа е во согласност со Договорот за пријателство со Бугарија.
-Во дел од плочите каде што пишувало бугарска фашистичка рака, бугарски фашистички куршум е оставено фашистички куршум, фашистичка рака, затоа велиме да не заборавиме, но низ простувањето да внимаваме. Тоа е направено на цела територија на државата, на многу места, најголем дел надлежни се самите општини, рече Заев.
Тој уште еднаш повтори дека гледа во иднината.
-Дајте да живееме денес, време е денес да создаваме историја, историја која обезбедува иднина за младите генерации, повика Заев.