Ја имаме првата непријателска порака и блокада од Бугарија за преговарачката рамка, изјави денеска премиерот Зоран Заев. Toj рече дека Бугарија го прекршила Договорот за добрососедството меѓу двете земји.
-Ја имаме првата блокада од Бугарија. Денеска е прекршен тој Членот 2 од договорот, ние ништо до сега не прекршивме. Ова е прво непријатно чувство. Треба да бидеме паметни и да го решиме спорот на пријателски начин, денеска е испратена не така пријателска порака од соседна Бугарија првиот чекор е блокиран, нагласи Заев.
Тој објасни дека членот два од Договорот за добрососедство вели дека Бугарија треба да не поддржува кон патот за интеграција.
-Стои и тоа дека бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО. Среќен сум што ја имаме поддршката од страна на Германија, изјави Заев.
Заев сепак смета дека не треба да се прави драма иако како што рече испратена е неубава порака од бугарска страна. Премиерот е оптимист дека на следните два состанока на работните групи може да се приближат ставовите, а се надева и на позитивен исход од средбата со Борисов во понеделник.