Штотуку избраниот премиер, Зоран Заев, веќе и официјално ја презеде функцијата седнувајќи во премиерската фотелја. Рано утрово тој во Владата се сретна со досегашниот премиер кој ја предводеше техничката Влада Оливер Спасовски.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски му ја предаде функцијата иден премиер на Зоран Заев, кој пред полноќ беше изгласан за претседател на Владата со 62 гласа „за“ и 51 „против“.
-На денешното примопредавање на премиерската должност на премиерот Зоран Заев му посакав успешен 4-годишен мандат на новата Влада, во којашто заедно ќе се заложиме да ги оствариме приоритетите за коишто ја добивме довербата од граѓаните: сигурна иднина, заштита на јавното здравје, нова развојна економија, правда, европски перспективи. Имав чест и голема одговорност да ја предводам Владата во специфичен период, во којшто заедно се согласивме дека преодната Влада успешно одговори на предизвиците, објави Спасовски на „Фејсбук“.
Како што е најавено, на пладне премиерот Заев ќе мора да стане од фотелјата и заедно со членовите на новата Влада ќе оствари средба со претседателот Стево Пендаровски.
Во МВР пак, беше извршено примопредавање на функцијата меѓу новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и досегашниот Агим Нухиу…