Заев се вакцинираше: Ми дојде редот, на располагање беше „Синофарм“

Премиерот Зоран Заев денеска на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“ се вакцинираше против корона вирусот со вакцина од кинескиот производител „Синофарм“.

-Ја примив првата доза од вакцината „Синофарм“, односно онаа што беше на располагање кога ми дојде мене редот согласно Националниот план за вакцинација. Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда во денешните поладневни часови, изјави Заев по вакцинирањето.

Тој ги охрабри сите граѓани сите кои досега не се пријавиле за вакцинација на вебстраницата вакцинација.мк, да го направат тоа што поскоро и со тоа, како што нагласи, да си го обезбедат единствениот ефикасен начин за заштита од корона вирусот.

Според податоците на Министерството, во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 92.253 граѓани.

Вчера се вакцинирани 9.123 граѓани, од кои со прва доза 7.963 граѓани.

Со последните бројки, 25 отсто од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина.

Според Националниот план за вакцинација, во моментов вакцинацијата се спроведува кај возрасни лица, граѓани што се пријавиле на веб-страницата vakcinacija.mk, како и вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку града во државата, и тоа во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Претходна вестБројката на хоспитализирани со ковид падна под 1.000, во Скопје нови 27 пациенти
Следна вестДелови од Центар денеска и в недела без вода