Каде што можеме да се поддржиме во првиот круг, ќе го направиме тоа, каде што има повеќе кандидати, во вториот круг, ќе им дадеме поддршка на оние што ќе добијат најмногу доверба наспроти кандидатите на опозицијата, изјави денеска премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, за соработката меѓу партиите од владејачката коалиција на централно ниво на претстојните локални избори.
-Сепак, ова се локални избори, каде што се избираат личности. Даваме широк спектар на кандидати за градоначалници и советници. Логично е дека каде што можеме во првиот круг, како коалициски партнери, ќе се поддржуваме. Гледаме дека Беса, иако е помал коалициски партнер од СДСМ и од ДУИ, секаде каде што може настапува со свои кандидати. Затоа даваме шанса, кој и да е од нашите коалициски партнери, ДУИ, Беса, ДПА, чиј кандидат ќе добие најголема поддршка од граѓаните, да го поддржиме сите во вториот круг, наспроти опозицијата, рече Заев.
Тој оцени дека коалицијата на централно ниво се преточува во коалиција на локално ниво, со сите специфики за локални избори, на кои во преден план се личностите и нивните програми.
СДСМ до вчера утврди кандидати за градоначалници за 51 од вкупно 81 единица на локалната самоуправа во земјава. Заев рече дека денеска продолжуваат состаноците во партијата, како и во текот на викендот, за утврдување на преостанатите кандидатури, ама посочи дека рокот за поднесување на кандидатурите истекува на 11 септември.