Премиерот Зоран Заев, вели дека од дијалог немаа зијан, коментирајќи ја најавената утрешна средба меѓу претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
–Сето ова е во прилог да им служиме подобро и поефикасно на граѓаните. Така што ќе има средба на претседателот на државата Пендаровски со претседателот на најголемата опозициска партија Мицкоски може да биде само прилог, нема ништо зијан. Ќе соопштат тие се што ќе разговараат, ќе слушнеме, но еве јас да апелирам што и да е, нека се бараат решенија нормално, но секако да се почитуваат вредностите за кои огромното мнозинство на нашето население очекува да бидат испочитувани од сите без разлика дали е тоа Владата, претседателот, опозицијата или слично за теми за коишто се најавува и дека се разговара, рече Заев.
Тој повтори дека на последната средба со Мицкоски, а потоа и со Села и Гаши постигнале одреден успех.
Од Кабинетот на Пендаровски предмалку соопштија дека средбата ќе биде утре во 1 часот во Вилата Водно.
Според опозициската партија на утрешната средба би се разговарало за темата што ја отвори Пендаровски во врска со осудените за 27 април и за актуелната политичко-економска состојба.
Односите меѓу Пендаровски и најголемата опозициска партија веќе две години се по принципот топло-ладно, но пред девет месеци Мицкоски објави дека ги замрзнува односите со претседателот на државата по изборите, и дека ќе ги преиспита политиките кон него, откако претседателот му го даде мандатот за формирање на новата Влада на Зоран Заев, без, како што се тврдеше, тој да достави доказ дека има мнозинство во Собранието.