Чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле дури 57 проценти од девојчињата на 15 години во Македонија, а речиси исто толку на истата возраст чувствува дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, покажало истражувањето што денеска го објави Регионалната канцеларија на СЗО за Европа. Резултатите од истражувањето за ментално здравје во коешто беше вклучена и Македонија, врзано за студијата Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст, покажува загрижувачки тренд низ Европа и Централна Азија: широко распространет пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња.
-Задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата, а секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено. Од психосоматски тегоби истовремено, повеќе пати неделно во последните шест месеци како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години, покажуваат резултатите.
Анализирајќи ги податоците од Студијата ХБСЦ од 2021/22 година, вклучувајќи увиди од 280.000 млади луѓе од 44 држави, стануваат видливи комплексностите на менталното здравје кај младата популација во Северна Македонија. Споредено со просекот од 28 проценти од 15-годишните девојчиња кои известуваат чувства на осаменост, во Македонија таа бројка е 31 отсрто.
-Овие бројки не се само бројки. Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови. За Северна Македонија ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да делуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка, изјави денеска Лина Ќостарова Унковска, водечки истражувач на студијата за Македонија.