Во 2023 година од јануари до јуни имало вкупно 712 новоевидентирани жртви на родово базирано насилство, информираше денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. На толку лица им е дадена и психосоцијална помош и поддршка, а правна помош и застапување добиле 385 жртви.
Во организација на канцеларијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија беше организирана Тркалезна маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против родово базираното насилство врз жени и девојки во Република Северна Македонија“. Настанот е организиран во рамките на 16 денови активизам за борба против родово базирано насилство.
Тренчевска рече дека против родово базираното насилство треба да се зборува секој ден.
-Насилството е комплексна работа и затоа треба да се вклучат и во превенцијата и заштитата сите релевантни чинители, рече Тренчевска.
Таа во делот на законската рамка и заложбите на Владата во однос на насилството ја истакна ратификацијата на Истанбулската конвенција резултираше со донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство донесен во 2021 година. Покрај тоа министерката истакна дека покрај законските рамки по претрпено односно извршено насилство потребно е да се работи со жртвите меѓутоа и со насилниците.
-Воспоставивме 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолништа) во 6 плански региони. Покрај засолништата, Министерството за труд и социјална политика има воспоставено и специјализирани советувалишта на територијата на Република Северна Македонија во 7 Плански региони. Воспоставени се 10 специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и 8 специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство, истакна Тренчевска.