Закерберг призна дека цензурирал содржини за Ковид-19 под притисок од функционери од администрацијата на Бајден

Високи функционери во администрацијата на Бајден вршеле притисок врз компанијата Мета платформс да цензурира содржини поврзани со Ковид-19 за време на пандемијата, соопшти нејзиниот извршен директор Марк Закерберг.

Тој на 26 август му пишал на Судскиот комитет на Претставничкиот дом на Конгресот на САД и рекол дека жали што претходно не зборувал за ситуацијата, како и за некои од одлуките што ги донел како сопственик на Фејсбук, Инстаграм и WhatsApp, кои се поврзани со отстранување на содржини.

– Во 2021 година, високи функционери од администрацијата на Бајден, вклучително и Белата куќа, постојано вршеа притисок врз нашите тимови со месеци да цензурираат одредени содржини поврзани со Ковид-19, вклучително и хумор и сатира, и беа многу фрустрирани кога се спротивставивме. Сметам дека ваквиот притисок од властите е погрешен и жалам што не бевме поотворени за тоа. Исто така мислам дека донесовме некои одлуки кои со новостекнатото искуство и знаење денес немаше да ги донесеме, напиша Закерберг во писмото што Комитетот го објави на својата Фејсбук страница.

Тој го упати писмото до републиканецот Џим Џордан, претседател на комитетот. Комитетот на Фејсбук соопшти дека ова писмо е голема победа за слободата на говорот и оти Закерберг признал дека Фејсбук ги цензурирал Американците.

Извршниот директор на Мета во писмото наведува и дека нема да донира за изборната инфраструктура за време на овогодишните претседателски избори. За време на последните избори, кои се одржаа во 2020 година за време на пандемијата, Закерберг донираше 400 милиони долари за изборната инфраструктура преку иницијативата Чен Закерберг, за што беше критикуван од некои групи.

Претходна вестВодостојот на Дојранското Езеро е 48 сантиметри под договорениот минимум
Следна вестДојде време робот да победува човек во пинг-понг