Се одложи судењето на Жан Митрев, ново рочиште на 5-ти април

Ангажирање на нови адвокати-бранителее причина за денешното одлагање на почеток на судењето на кардиохирургот Жан Митрев. На закажаниот почеток на судскиот процес тој информира дека има нови бранители на кои ќе им биде потребно да се запознаат со предметот. Новото рочиште ќе се одржи на 5-ти април.

Инаку, Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Во текот на постапката, како што информирааат од ОЈО Скопје, јавниот обвинител обезбедил докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид – 19, кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари или 1,57 милиони евра.

Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Ковид-19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.

Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата „Бакстер“ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интезивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од Ковид-19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена. Исто така, покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од Ковид-19.

На овој начин обвинетиот кај секој од оштетените создал лажна претстава и заблуда, па најголем дел од нив при приемот на конкретен пациент во болницата, однапред уплаќале средства за по два циклуси на хемофилтрација како дел од болнички пакети, без да им биде објаснет овој метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура кај пациентите, што е спротивно на условите утврдени во овластувањето и на здравствените прописи и стандарди, се наведува во соопштението од ОЈО Скопје.

Од друга страна, од страна на Кривичниот суд е донесено решение за определување на предлог мерки кои предвидуваат целосно блокирање на сметките на Клиниката „Жан Митрев“.

– Укажуваме дека со донесените мерки целосно се блокира работењето на болницата „Жан Митрев“, која е здравствена организација од јавен интерес. Клиниката „Жан Митрев“ од денеска не е во можност да ги отплаќа обврските кон банките. Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме се што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на обвинителството одат во поинаква насока односно бараат наше затворање. Се што баравме е фер судење во однос на лагите и невистините пласирани против нашата Клиника, а добивме „пресуда“ пред отпочнување на судскиот процес,  реагираат од Клиниката.

Претходна вестВладата денеска ќе ја „пече“ цената на лебот
Следна вестИсчезнат маж пронајден во телото на ајкула