Дали најголемиот лозарски регион во Македонија, но и пошироко е пред сериозна криза?
Причина годинава за овие прашања се истите како и во изминативе години: ниска откупна цена на грозјето, неисплатливоста да се обработуваат лозјата… Но сега се чини им здосади на лозарите. И годинава винариите им нудат ниски – неисплатливи цени. Презема ли нешто власта за да ги заштити лозарите, но и да го сочува и винарството и лозарството во Македонија?
Лозарите неодамна протестираа, имаа средба со министерот за земјоделие, зборуваа за проблемите, за потребите, но малку што се реши во нивна полза. Откупот на грозјето сега тече, но најчеста цена се уште не е доволна за лозарите и догодина да работат земјоделие.
– Цените се сосема неприфатливи и нереални за нас. Реален трошок кој ние лозарите го имаме по еден килограм грозје е 13 денари, што значи дека откупните цени треба да бидат од 16 до 18 денари. Сега испаѓа дека живееме само од субвенициите коишто ги доделува државата, дека живееме од тие 60.000 денари што ги добиваме за еден хектар лозје кое што се наводнува. Со тие пари едно четиричлено семејство треба да преживее во период од февруари до октомври кога се обработува лозјето. Тоа е неприфатливо и невозможно, вели лозарот Дане Јошев, претседател на Регионалното здружение „Тиквешкилозаро – овоштари” од Кавадарци.
Лозарите се принудени да го даваат грозјето за да не им пропадне маката што ја имале. Но, со оглед на тоа што се доцни поради натегањата околу откупната цена многу од грозјето е овенато па со тоа и неговата тежина е намалена и до 50 проценти. А причина за овенувањето е тоа што немало добро наводнување од каналите со кои управувала државата. Како што објаснуваат самите лозари дел од пумпите не работеле и бараат промени во управувањето со водните канали: со главните канали да управува државата, а со споредните општините.
Потребни се и други промени.Првенствено да се обезбедува пласман на грозјето во странство, а за што државата треба да се погрижи на време. Вака, оставени сме на милост и немилост на винариите кои во овој период секогаш велат дека не можат да платат повеќе оти толку им се можностите. Треба и однапред да се склучуваат договорите кои ќе важат и за винарите и за винариите со што секој ќе знае на што е, потенцира Јошев.
За жал некои велат дека веќе сега почнало откажувањето од одгледувањето на лозјата.
– Луѓето веќе се откажуваат, немаат интерес да работат за вакви цени. Веќе се ископачуваат повеќе лозја. Веќе нема ни работна сила која би работела. Основно е однапред да се утврди дефинирана цена на откупот на грозјето за да луѓето знаат на што се, вели Трајче Кулев од Здружението „Напредни лозари” од Кавадарци.
Очигледно, надлежните во државата треба да го дадат одговорот на прашањето: дали ќе се стави точка на лозарството во тиквешијата, лозарство кое е на далеку познато и признато?