Во Скопје никнуваат згради на секое ќоше. Бетонот стана сеприсутен. Скопјани се бунат, ама градоначалниците и сите други кои се поврзани со правењето на ДУП-овите се „градителски“ настроени…
Кое е следното место каде ќе никнат висококатници? Тоа е прашањето кое си го поставуваат граќаните на главниот град. Дали локацијата на поранешна фабрика „Треска“ во општина Центар ќе биде место на речиси исти случувања како со ДУП-от за паркингот кај „Холидеј ин“?
Инвеститорите веќе почнале да поднесуваат барања за градби на таа локација на која е предвидено да има околу триесетина згради. Видоа како тече работава околу паркингот кај „Холидеј ин“…
А всушност, зошто да не поднесуваат барања? ДУП-от повеќе од три години беше на ревизија и не се смени, уставните судии го укина мораториумот за градби, за конкрентна локација на местото на поранешната фабрика “Треска“ не се распиша јавен конкурс како што беше заклучокот на општинскиот Совет… И со кој аргумент сега ќе се одбиваат барањата за градба на згради кои своевремено првиот човек на општината ги нарече „наполитанки“?
Сега само може да се поставуваат прашањата зошто се дојде во ваква ситуација: зошто не се ревидира ДУП-от, зошто се загуби толку време, зошто цели 14 месеци не се распишуваше јавен конкурс само за делот кај поранешната фабрика „Треска“, зошто…? За тоа имаше чиста и неспорна одлука на општинскиот Совет кој донесе таква одлука на 19 февруари минатата година по иницијатива на повеќе граѓани и невладини организации.
Сега, наместо да молчи општина Центар треба да даде објаснување и за овој случај и потоа да делува за да го спречи бетонизирањето и на тој простор.
Општината на почетокот на мандатот на градоначалникот тргна во надежна битка дека ќе ги смени лошите планови и ќе ја врати довербата на граѓаните сега како да е на чекор да прогласи пораз на две локации кои се најважни и по што битката против бетонизацијата на центарот ќе биде загубена.
Има ли желба тоа да се спречи? Зарем и ДУП-от за Треска ќе не тресне?