Заслужено: Академик Љупчо Коцарев доби награда за животно дело

Највисоката награда на градот Охрид „Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид“ за животно дело прексиноќа му беше врачена на претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев. На свеченоста, по добивањето на наградата, Коцарев изјави дека е почестен што ја добива наградата во Охрид и што таа го носи името на големиот просветител и мислител, патронот на градот, Св. Климент Охридски.

– Не можеше на посоодветно место да биде востановена оваа награда, бидејќи токму во Охрид се роди Првата книжевна школа со која почна словенската палеографија и палеославистика, токму поради најпознатиот ученик на светите Солунски браќа, Св. Климент, истакна Коцарев.

Признанието за Коцарев доаѓа по неодамнешното негово повторно високо рангирање во светската научна елита што го направи угледниот американски универзитет Стенфорд. Тој, заедно со уште пет други македонски научници, како и лани, се најде на листата на топ 2 отсто најцитирани и највлијателни научници на светско ниво.

Инаку, во изминатиот период претседател на МАНУ во македонската јавност беше често присутен со свои ставови за актуелните општествени случувања. Со интервјуа, колумни и други видови на јавни настапи, тој е мошне критичен во однос на состојбите и промените кои се случуваат во македонското општество. Врзано со предложените реформи во образованието кои што ги заговараше актуелната Влада и МОН тој оцени дека „македонското образование системски, планирано и намерно се уништува со години“.

-Појавата на квазинаучни трудови, трудови што се целосно плагијати, купени магистерски и докторски тези, сведочи дека во Македонија одамна се избришани мериторните правила според кои се цени објективниот квалитет. Сервилноста и желбата за владеење, политичкиот пазар, ароганцијата и алчноста, дополнета со незнаењето и неспособноста на политичарите, веќе неповратно доведоа до дно на дното, напиша Коцерев во една колумна во „Нова Македонија“.

Во однос на предложените промени во основното образование тој во интервју за Алфа телевизија рече дека „Единствена цел на реформите е да се избрише предметот историја“.

-Да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, рече Коцарев.

На неодамнешниот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“ Коцарев рече дека македонските политичари се слуги на интереси.

-Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме, истакна тој.

Претходна вестШто рече холанскиот премиер за ветото од Бугарија и што сега прави ЕУ?
Следна вест„Левица“: Бараме итен прекин на преговорите со Бугарија, Владата е раштимана…