Кои ученици ќе седнат во училниците по школите, а кои наставата ќе ја следат он-лајн? Дали, освен оние од прво до трето, во некои општини во школите ќе одат и постари ученици каде класовите се малубројни? Каква наставна програма ќе се учи – скратена или целосна? Што ако учениците и наставниците се заразат со корона вирусот во школите? Подготвени ли се копјутерски системи за наставата? Обучени ли се наставниците за компјутерска настава?… Сето ова се прашањата на кои учениците, нивните родители и наставниците по школите уште не добија одговори, а до официјалниот почеток на учебната година останаа само уште две недели. Надлежните, министерот за образование, Бирото за развој на образованието, Комисијата за заразни болести… уште размислуваат, анализираат, прават комбинации.
И така, од многу размислување, анализи, состанчења и ветувања настана хаос во образовните институции.
Оние од Бирото за образование дури и објаснуваат дека „работат од дома“ на скратените наставни програми што им било побарано, иако, како што сами соопштија, е јасно дека наставата нема да се одржува по нив!? Се најавува и дека за две недели ќе се одложи почетокот на учебната година за да профункционира парламент, но прашање, со оглед како бавно се конституира постизборна коалиција, е дали одложувањето ќе биде само толкаво…
Се поделија и родителите, се групираат по групи кои се за наставата во училиштата и кои се за он-лајн наставата, па се караат и расправаат меѓу себе без договор.
Одговори на сите овие прашања нема. Пет месеци, откако заради почеток на пандемијата со корона вирусот се затворија училиштата не беа доволни да се направи се за да се знае каква настава ќе се одржува од септември. Се знаеше дека дилемите ќе бидат исти: дека вирусот ќе биде тука, дека наесен ќе биде уште поопасен период, дека изборот е меѓу наствата во училиштата или он-лајн, дека за опцијата он-лајн треба да се направат добри подготовки од обезбеден интернет па до подготвени наставници и наставна програма…
-До сега веќе требаше да сме подготвени за учебната година, да се знае како ќе се одржува наставата, кој ученик како ќе ја следи. Вака, цел месец слушаме изјави на надлежните за оваа или онаа варијанта, а никако да се реши. Ајде веќе, пресечете! Доста веќе сите се препирате. Секогаш ќе има спротивставени страни. Која одлука и да ја донесете ке треба да се дејствува брзо. Времето минува, смета скопјанката Елизабета Т.
Но, на оние што решаваат уште им требало време иако е јасно дека лекциите за тоа како да се организира учебната година не ги научиле. Ова веќе станува недозволиво бидејќи со тоа најмногу им се штети на учениците кои ќе останат ускратени знаењата и воспитувањето кое требаше да го добијат во училиштата. Време е веќе и некој да ја понесе одговорноста за тоа.