Затворен за сообраќај патот Гевгелија – Богданци, се излизгала машина за чистење на снег

Поради излизгана машина за чистење снег, денеска од 9:50 часот сообраќајот на регионалниот пат Гевгелија – Богданци е во прекин во двата правци, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Дежурните екипи на „Македонија пат“ работат на расчистување на сите државни патишта, информираат утринава од Министерството за транспорт.

Чистењето на патиштата во континуитет траело и во текот на ноќта, а целокупната механизација и работната сила на претпријатието продолжиле со работа и утринава.

Сообраќајот, додаваат од Транспорт, се одвива по влажни коловози на кои има остатоци од кашест снег.

Оттаму апелираат до возачите задолжително да имаат зимска опрема, внимателно да управуваат со возилата, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и препораките на сообраќајните служби.

-Според информациите од УХРМ, врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава, затоа апелираме да се следи временската состојба и граѓаните кои планираат да патуваат навреме да се информираат од сообраќајните служби за условите на државните патишта, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и додаваат дека во континуитет ја следат состојбата на државните патишта и соодветно реагираат со целокупната механизација на терен.

Претходна вестНа Попова Шапка 64 сантиметри снег, во Маврово 57, а во Крушево 36
Следна вестПриведени четворица кумановци барани со потерница