Заврши реконструкцијата и пуштен во употреба е патот од Битола кон граничниот премин Меџитлија. Премиерот Ковачевски денеска посочи дека инвестицијата за рехабилитација на овој патен правец во должина од 12,5 километри е во вредност од 3,28 милиони евра.
-Овој патен правец кој децении наназад бил запоставен, а сега рехабилитиран, е од исклучително значење, особено што се работи за дел од европскиот Коридор 10-д, кој нè поврзува со нашиот јужен сосед. На целиот Коридор се работи навистина интензивно и тоа на сите делници што на крајот ќе резултира со модерен патен правец од Коридорот 10, поврзување со Коридорот 10-д преку Прилеп, Битола, до границата со Грција. Со тоа целиот овој регион добива нов инфраструктурен лик, рече Ковачевски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми објасни дека средствата претходно биле обезбедени од ЕБОР.
-Ширината на оваа патна делница е променлива и се движи од 6 до 6,5 метри. Требаше да поминат 40 години за патниот правец Битола – Меџитлија да биде за прв пат рехабилитиран. Во нашата програма приоритет добија патните правци што водат кон граничните премини со нашите соседи. Факт е дека ако сакаме добра економска соработка треба да понудиме и добра патна поврзаност, а добрата патна поврзаност значи и поголем развој на туризмот од што придобивка имаат сите, рече Рустеми.
Во Пелагонискиот Регион активно се работи на повеќе инфраструктурни проекти како што автопатот Прилеп-Битола, патниот правец Градско-Прилеп, рехабилитацијата на патните правци до помалите населени места, Нижополе, Ротино, Бучин, Житоше, Демир Хисар. За идната година се обезбедуваат средства за изградбата и на нов експресен пат Битола – Меџитлија со обиколница околу Битола, за кој веќе има одобрен инфраструктурен и ревидиран основен проект, притоа водејќи грижа и за животната средина.