Збогум 2020 година, да ја дочекаме новата без непоканети гости

Вечерва ја испраќаме 2020 година, за мнозинството луѓе, една од оние кои не треба да се паметат. Многу лоши работи поминавме минативе 364 дена. Пандемија и лошо справување со неа, криза економска и лошо справување со неа, газење по македонскиот идентитет од сите страни, па и од преставници на власта…

И додека вчера и денеска сведочиме на млакото расположение на луѓето, свесни дека нема да можат да заминат некаде и да прослават како што гтреба -па ги преполнуваат супермаркетите, не смееме да заборавиме на можните, најавени, непоканети гости по нашите домови: полицајците.

Но, пред да упаѓаат по домовите, никој не објасни како тоа ќе се изведува. Освен што пред неколку дена се објави бесплатната телефонска линија, што граѓаните ја нарекоа „кодошлица“ – за секој да може да пријави журка во домот на соседот, за правилата на можните полициски упади по дома никој ништо не објасни.

„Скопско ехо“, на инсистирање на читателите, уште во понеделникот постави прашања јавно на кои нема јасен одговор:
-Како полицијата може без писмен налог од судија да упадне во нечиј дом?
-Дали погласна музика ако слушне полицијата додека патролира значи дека е доволна основа за да заѕвони на нечија врата?
-Колку судии треба да бидат достапни ноќта на 31 за да издаваат налози?
-Каков е тој „усен налог“ од обвинител за кој зборува Спасовски?
-Која е законската основа и колку луѓе е дозволено дома да бидат собрани? Ова е особено нејасно, заради тоа што постои препорака или владина одлука за недозволување на групирање над 4 лица дома,ама уште кога се одлучи беше спорно како ќе се казнува. Владата тогаш велеше дека е неопходна законска измена, која не се случи, па сега повторно е нејасно како ќе би се извело на 31-ви декември.

И така стартува испраќањето на старата и дочекот на новата година, во еден грч, но и надеж дека ако случајно се одлучите да запеете на тераса, па сте доволно гласни за соседот да ве пријави.

Кога ќе ви дојде полиција на врата не знаете дали смеете или не да ги пуштите, дали треба да ви покажат судски налог… „Ќе ги поканиме на пијалок“ е еден од најчестите коментари на социјалните мрежи деновиве.

А неканетите гости кои ги има премногу и на ТВ (читај политичарите) исто така треба да направиме да не ни го реметат расположението.

Сепак, за почеток, да бидеме совесни и да не се групираме. За подобра и поздрава Нова Година!

 

Претходна вест15 починати и 493 новозаразени од вирусот
Следна вест„Неуспехот како пракса“ со онлајн презентација до 15 јануари