Здружение на историчари на Македонија: Да се стави мораториум на Концепцијата за основното образование

Категорично бараме од Министерството за образование и наука да стави мораториум на Концепцијата за основното образование и под итно да организира широка јавна дебата, побара денеска Здружението на историчарите на Република Македонија. Оваа асоцијација на историчарите бара дебатата да  биде заснована на сеопфатна анализа која ќе ги артикулира и досегашните негативни импликации од нејзиното воведување, како и ставовите на научната и академската заедница.

-Во меѓувреме, додека не се подготви и усвои нова концепција, бараме да се продолжи со досегашните наставни програми. На тој начин ќе се спречат идните штетни последици за учениците, наставниците, како и за севкупниот македонски образовен систем и за граѓаните и државата во целина, се наведува во соопштението.

Здружението потсетува дека јавно предупредило на негативните импликации од крајно избрзано донесената Концепција за основно образование, која што беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции. ЗИРМ лани на 22 декември 2022 година до Министерството за образование и наука поднесе барање за повлекување на учебникот по новововедениот предмет „Историја и општество“ за 5 одделение. Тоа барање беше проследено со критичка анализа на 30 страници за 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла.

-Предупредивме дека овие пропусти кај учениците ќе создадат погрешни претстави не само за минатото, туку и за сегашноста. Во оваа прилика јавно прашуваме дали овој учебник е повлечен од употреба, со оглед дека посочените пропусти ги надминуваат законски предвидените 30 отсто! Воедно изразивме цврста увереност дека погрешната концепциско-содржинска поставеност на учебникот е директен резултат на Концепцијата за основно образование, поради што побаравме од Министерството да иницира јавна дебата за подготовка на нова концепција, за да не се повторуваат во иднина ваквите недозволиви пропусти, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека најновата актуелна состојба предизикана од отсуството на Историјата во наставните програми за шесто одделение, за нив како Здружение на историчари воопшто не е изненадување.

-Причината е што ние како здружение, како и генерално историската фела во државата, одбиваме да учествуваме во нивната подготовка, со оглед на нашето неприфаќање на концепцијата. На тој начин го изразуваме категоричното противење што со концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ), за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет „Историја и општество“, во кој вештачки се интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија.  Досегашната практика на примената на концепцијата, недвосмислено ги потврдува нашите претходни оценки дека историјата се маргинализира и деградира, со што се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава. Особено што во Европската Унија, каде како демократска држава припаѓаме и чиишто фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина историјата како предмет го дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата, нагласуваат историчарите.

Се нагласува дека цврсто опстојуваат на ставот дека Историјата мора да остане посебен предмет и воедно ги поддржуваат колегите кои сметат дека предметите Географија, Граѓанско образование, Биологија, Хемија, Физика треба да се изучуваат посебно.

-Притоа, предупредуваме дека повторувањето на досегашната практика на избрзано донесување на нови наставни програми за историјата во последен момент, а во конкретниот случај за наставната програма за  шесто одделение за вештачки конструираниот предмет „Историја и општество“, од што ќе треба да произлезе и експресната подготовка на новиот ревидиран учебник, ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем, на што најостро ќе реагираме! Усвојувањето на новата концепција, ќе мора да го одразува научниот, академски и општествен консензус. Само на овој начин, ќе може да се промовира квалитетот во македонското образование, од што ќе произлезат наставни програми и учебници кои ќе бидат на потребното научно и академско ниво, во интерес на учениците, родителите, граѓаните и на државата, а не подредени на задоволување на моменталните политички цели. Квалитетот на образованието е наша заедничка обврска и должност како историчари и како совесни граѓани, бидејќи младите генерации се столбот на иднината на државата. Во спротивно, како држава и како нација и натаму ќе бидеме на самото дно во однос на квалитетот на образовниот систем во Европа, се вели во реакцијата на Здружението на историчарите на Република Македонија.

Претходна вестПоследните куршуми ги сочуваа за себе: Сеќавање на Христо Узунов и на хероите од битката кај Цер
Следна вестСрбите ги бојкотираа изборите во северно Косово