Здружение на лекари специјализанти: Бараме плата која ќе биде на ниво на доктор по општа медицина во Клинички центар

Плата на ниво на доктор по општа медицина во Клинички центар, побараа денеска  приватните лекари – специјализанти. Од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) го поздравуваат најавеното линеарно покачување за 5 отсто за сите здравствени работници и соработници за март 2024 година и веруваат дека ваквиот тренд мора да продолжи.

– Во моментов во Клинички Центар „Мајка Тереза“ има повеќе од 270 приватни специјализанти кои редовно држат смени, амбуланти, дежурства и макотрпно ги извршуваат своите обврски како специјализанти. Лекари- специјализанти кои секојдневно работат рамо до рамо со нивните колеги за само 26.000 денари, односно нешто над минималната плата. Ја изразуваме нашата загриженост и бараме итно покачување на платите и решавање на нашиот статус. Во моментов се водиме како невработени лица, со договор на дело, без ни еден ден стаж во тек на 6 години специјализација. Бараме од Вас веднаш да пристапите кон решавање на нашиот статус и покачување на платите или во спротивно ќе бидеме приморани сите приватни специјализанти да престанеме со извршување на било какви обврски на соодветните Клиники, велат специјализантите.

Оттаму бараат „итно покачување на надоместокот на приватните специјализанти согласно просечната плата во РСМ во износ на 39.998 денари и трајно решавање на статусот на вработување на овие лекари согласно многубројните ветувања до сега.

– Во изминатиов период неколку пати се зголемија платите на здравствениот персонал, а ние приватните специјализанти сме постојано исклучени од покачувањата на платите на здравствениот персонал. И ние приватните специјализанти сме составен дел од здравствениот систем, но со третманот кој го добиваме се чувствуваме исклучени од истиот, предупредуваат тие.

Претходна вестРусија по изјавите на Макрон: Директен конфликт со НАТО е неизбежен, ако…
Следна вестЖител на Табановце физички нападнал вработен во отсекoт за управни работи – Куманово