Зекири поднесе оставка од генерален секретар на Владата

Генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири поднесе оставка на функцијата. Претходно денеска Јавното обвинителство за организиран криминал соопшти дека е донесена наредба за истрага против Зекири за злоупотреба на службената положба и уште две лица, хрватски државјани.

Тој ова го објави и на својата Фејсбук страница.

-Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Димитар Ковачевски. Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија. Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност. Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата, напиша Зекири.

Обвинителството денеска соопшти дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против двајца хрватски државјани и еден наш државјанин.

Во соопштението се наведува дека во периодот од април 2021 до јануари 2022, со искористување на својата службена положба генерален секретар на Владата, првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за консултантската куќа од Хрватска прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 940.000 евра на штета на буџетот.

Претходна вестМухамед Зекири: Поднесувам оставка, вистината ќе излезе на виделина
Следна вестНови 163 заразени, има и 4 починати