„Зелен хуман град“ на 10 декември организира протестен марш за чист воздух

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ за следниот вторник (10 декември) најави одржување протестен марш за чист воздух. Протестот ќе почне во 16 часот пред Министерството за животна средина, ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши Владата. Причините за одржување на протестот, како што велат, се смртните случаи предизвикани од аерозагадувањето кои изнесуваат 17,7 отсто од вкупната смртност во државата на годишно ниво.

-Секоја година во Македонија се бележат околу 3 828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови, велат од „Зелен хуман град“.

ЗХГ бара Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето.

Од Владата бараат да ја задолжи УХМР да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, како и јавно да објават на регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, а не ги поседуваат.

Од иницијативата бараат и забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот од 3 метри, како и забрана на увоз на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален „ЕУРО 6“ стандард.

Дополнително се бара и усвојување на Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура изработен од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина.

Дел од среднорочните мерки кои „Зелен хуман град“ бара да бидат донесени се – воведување високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај, изградба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија налик на таа од автомобилската мрежа, воведување систем за самоизнајмување велосипеди, поставување густа локална мрежа од мерни станици, по една на максимум 1 500 квадратни метри, со приоритет на обиколување индустриски капацитети и погони со А и Б-интегрирани дозволи, јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините да преминат на фотоволтаични системи.

Бараат и субвенционирање за фотоволтаични системи за индивидуални домаќинства, како и субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување.

Претходна вестЦарина заплени мобилни телефони, масло од црно семе, фиберскопи за индустриски цели, облека, но и маркирани производи
Следна вестССМ го оцени за несериозен и неодржлив на долг рок предлогот за пензионирање на 67 години