Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска објави видео-порака во која наведува дека Украина се движи кон победа, шеснаесет дена по упадот на руските воени сили.
-Дојде до стратешка пресвртница. Веќе сме на пат кон победа. Веќе 16 ден се бориме за нашата слобода. Ова е четири пати подолго одошто непријателот планираше за својата инвазија, потенцира Зеленски.
Официјален Кремљ пак денеска објави дека конфликтот во Украина ќе заврши веднаш штом Западот дејствува по повод постојано изразената загриженост од Русија поради убиствата на цивили во источна Украина и проширувањето на НАТО на исток.
На новинарско прашање како може да заврши кризата, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го кажа ставот на Русија и рече дека верува оти Украина разговара за барањата на Москва со САД и другите сојузници, пренесува „Ројтерс“.
-Русија формулираше конкретни барања до Украина во врска со решавањето на овие прашања. Колку што разбравме, Украинците разговараат за овие барања со нивните советници, пред се со САД и земјите од ЕУ, рече Песков.
Инаку, руските воени сили од ноќеска почнаа и со напади врз цели во неколку градови во западниот дел од Украина, во којшто досега немало воени дејствија. Биле ракетирани цели во градовите Днепар и Луцк.
Од друга страна, возбуда во балканскиот регион денеска предизвика уривањето на поголем дрон во хрватската престолнина Загреб, а за кој се наведува дека долетал дури од Украина и е од советско производство. Но, не е јасно дали се работи за украински дрон или за дрон во сопственост на руската војска. Советник на украинскиот министер за одбрана Маркијан Либкијвски негира дека паднатиот дрон во Загреб кој зад себе остави кратер, е на украинската армија
-Овој воздухоплов не е наш и ги отфрлам изнесените наводи изјави Либкијвски за хрватски „Јутарњи лист“.
Но, уривањето на дронот во јавноста беше проследено и со прашањата како било можно тој да прелета преку воздушните простори на две земји – членки на НАТО, на Романија и Унгарија, а да не биде забележан!?